Во свечената сала на КИЦ – Офицерскиот дом се отвори изложбата на тематски фотографии во рамките на одбележување на јубилејот 20 години „Арт Поинт – Гумно“. Автор на фотографиите е Ероу Рос, кој е американец со данско потекло и е насловена како „Последните селани“.Рос беше еден од првите гости на уметничката резиденција на АРТ ПОИНТ – ГУМНО во с. Слоештица. За време на неговиот едномесечен престој во селото во 2005 година, тој буквално го документираше животот на едно македонско село.

На почетокот зборуваше директорката на КИЦ, д-р Лили Бошевска, а потоа на присутните им се обрати Сергеј Андреевски, кој се повика на романот на неговиот татко, легендарниот македонски писател Петре М. Андреевски кому и на скромен начин му се оддаде почит за неговата 89-та годишнина од раѓањето.
Неговата сопруга Ирена Андреевски ја отвори изложбата и објасни дека тоа претставува една убавина уловена пред да исчезне, низ сликите и уметничките дела од над 80 уметници кои ги посетиле и твореле во изминативе 20 години. Изложбата на американскиот фотограф ја улови суштината не само на Слоештица, туку воопшто на македонското село.

Портретите на последните селани беа во фокусот на оваа тематска поставка што е дел од серијата изложби со кои меѓународниот центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО го одбележува 20 годишниот јубилеј.
На отворањето беа прочитани и стихови инспирирани од Македонија и Слоештица од американскиот поет, сликар и музичар Дик Робертс, а присутните можеа да погледнат и две оригинални изданија посветени на жителите од Слоештица: “Faces” („Лица“) од американскиот уметник Сет Ладман и “Village Treasures” („Скапоценостите на селото“) – дневникот на Џун Тилден, придружничката на Ероу Рос во Слоештица.
Низ меѓународниот центар за уметност и одржлив развој Арт Поинт – Гумно, сиве овие години продефилираа повеќе од 80 уметници од целиот свет.












