Секој ден се регистрираат по една до две пациентки заболени од рак на дојка во Битола, рече др.Александар Димовски, специјалист по радиодијагностика во Клиничката Болница во Битола на едукативната трибина насловена „Раното откривање на ракот, спасува живот“. Трибината се одржа на Високата медицинска школа а ја организираше Битолскиот универзитет во соработка со Лигата за борба против ракот од Битола.

„Одлучивме да одржиме предавање за да се превенира ракот на дојка кој во нашиот град е во галопирачки размери, има многу пациенти со ваков вид канцер. Бидејќи за време на короната немаше многу прегледи, сега галопирачки расте бројот на болни. Возрасната граница е многу падната, имаме пациентки со по 19 и 20 години, што е застрашувачки“, рече Димовски.

Не може да се прецизира кои се најачестите причини за појава на рак на дојка,вели др.Димовски и ги повика жените на редовни прегледи со цел рано откривање на болеста.
„Нема никаква навика, затоа овие трибини ги правиме да им кажеме да дојдат на преглед и да вршат самопреглед. Ако некогаш препорачувавме самопрегледите да бидат по 20-та година, сега тоа треба да биде од 15-та години зашто имаме и пацинтки со оваа болест на само 19 години. Препорачувам жените да прават редовни прегледи на ултразвук, како и редовни самопрегледи, посебно 8 дена по менструалниот циклус секој месец. Доколку жената е во менопауза да избере еден ден во месецот и редовно на тој датум да прави самопрегледи. Доколку има промена кај дојките да се јави на доктор“, рече Димовски.

Лигата за борба против ракот од Битола делува на подрачјето на Пелагонискиот регион, односно во општините Битола, Могила и Новаци каде одржа вакви трибини со цел подигнување на свеста за важноста од превентивни прегледи.
„Поводот за оваа тема беше секојдневното зголемување на заболени од карцином бидејќи според информациите коишто ги добиваме скоро секој ден имаме новозаболен од карцином, а исто така сакам да потенцирам дека на нашето подрачје се појавуваат се поголем број на млади луѓе кои што заболуваат од карцином на дојка и останатите карциноми,“рече Стојан Стојановски претседателот на Лигата за борба против ракот Битола.

На трибината присуствуваа студенти од ВМШ.
„Ова е уште еден доказ дека Универзитетот „Св.Климент Охридски“ се грижи за континуиран раст и развој на своите студенти и за подигнување на свеста во овај случај кај студентите и кај самите вработени во универзитетот за карциномот на дојка. Овој број на слушатели покажува дека ниедна од нас не е сама и да се надеваме дека понатаму ќе се применуваат мерките за превенција“, рече проф.др. Јасмина Буневска Талевска, проректор за студентски прашања.
Октомври е светскиот месец за борба против ракот на дојката. Во Македонија, согласно последните податоци од Институтот за јавно здравје стапката на морталитет од рак на дојка во 2020 година изнесува 32,3 на 100.000 жени.












