ТЕРА

REKLAMA???

ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ Е ПОДМЛАДУВАЊЕТО НА КАДАРОТ

Главен проблем со кој што денес се соочува Битолскиот универзитет е подмладувањето на кадарот. Само со масовно вработување на научен подмладок може да се спаси моменталната ситуација која можи да предизвика далекусежни негативни последици за македонското општество. Ова го изјави ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола по повод одбележувањето на патрониот празник.

„Моментално главен проблем, кој е основа за серија други проблеми е кадарот. На УКЛО од повеќе од 300 вработени академски кадар, само околу десетина се асистенти. Доценти се 30-тина, а најголемиот број се редовни професори кои го достигнале врвот на својата кариера. Секаде во светот силата на универзитетите лежи во научниот подмладок, докторандите и  асистентите. Водечките светски универзитети се борат да привлечат квалитетен научен подмладок и на тој начин да имаат капацитет за научни истражувања, објавување на научни трудови, квалитетна практична настава. Државата од неразбирливи причини веќе 20тина години, откако се воведе трезорскиот систем и обврската да за секое ново вработување се бара согласност од Министерството за образование и наука и Министерството за финансии (дури и кога се работи за постоечки работни кои се испразниле поради пензионирање, прекин на работен однос и сл.), никогаш не овозможила проста репродукција на кадарот во високото образование, а да не зборуваме за проширување.Најплодните научници секаде во светот се младите научници – докторанди, асистенти, доценти. Улогата на искусните професори е да ги менторираат и насочуваат младите кадри, а не тие да бидат ударната сила на научните истражувања. Затоа ситуацијата е алармантна, 12 часот е одамна поминат. Само со масовно вработување на научен подмладок може да се спаси моменталната ситуација која можи да предизвика далекусежни негативни последици за македонското општество“, рече проф.др. Игор неделковски, ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Битола.

Кога се работи за селекцијата на научниот подмладок битен фактор е да се дефинираат прецизни критериуми при вработување, вели тој.

„ Моментално нема јасни критериуми (освен просек 8) и мора да се работи на тоа. Да не се дозволува влез на неквалитетен кадар во високото образование. Мора да се дефинира прецизна метрика за вреднување на капацитетите на оние што сакаат да станат дел од високото образование. Но секако тоа треба да биде пропратено со подобар општествен статус и примања, ако сакаме да имаме квалитетен наставно-научен кадар. Кога зборуваме за примања не мислам само на плати туку и средства за финансирање на научни проекти, учества на научни конференции, набавка на опрема.“, рече Неделковски.

УКЛО има и големи развојни планови.

„УКЛО бил и ќе остане динамична средина. Наредниот период ќе имаме повеќе развојни проекти. Во сите тие проекти студентот ќе биде во центарот на активностите. Прв и основен проект е отворањето на УКЛО кон заедницата. Во недостаток на асистентски кадар, ќе овозможиме стручњаци од практиката (стопанството и нестопанството) да се вклучат во практичната настава на факултетите. Ќе овозможиме дуално образование, практичната настава да се изведува во објектите на стопанството и нестопанството. Ги повикувам сите чинители од стопанството и нестопанството да сега и веднаш се вклучат во образовните процеси на универзитетот и на тој начин си обезбедат квалитетен кадар за своите организации. А студентите да добијат квалитетна практична настава“, рече Неделковски.

Максимално ќе се отвориме и кон невладиниот сектор за заедничко аплицирање на проекти, рече ректорот. Потенцираше дека ќе подадат рака и кон политичките структури, за да им го понудат  нивното  знаење на објективен начин, не обременети од политичките случувања.