Како дел од програмата на фестивалот на класична музика Интерфест Битола 2023, синоќа имавме можност да присуствуваме на прекрасниот концерт кој се одржа во Центар за култура. Заедно со многубројната публика, имавме прекрасна вечер со оперски арии и македонски народни песни во изведба на јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу, кој живее и работи во Токио и е солист на Токиската опера, а во нашиот град настапи во придружба на Камерниот оркестар на Битола.

„Впечатоците се прекрасни за сите нас, а особено за паметење е изведбата на обработките на македонските песни: „Ако одам во Битола“, „Ако умрам ил загинам“ и други песни, кои ја отсликуваат македонската традиција. Денес, почитуваниот Казухиро Котецу, заедно со нашите организатори на „Интерфест“, Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски, гостуваа во Општина Битола, каде разговаравме за идните планови и соработка, во насока на понатамошна поддршка на културниот напредок на Битола“, истакна градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

















