Од 12-ти до 20-ти мај Битола ќе биде домаќин на 24- то по ред издание на Интернационалниот фестивал на монодрама. Оваа година фестивалот се одржува под мотото „Да се биде“, на сцените на Центарот за култура и на Народниот театар.
Според директорката на Центарот за култура Маја Андоновска-Илијевски и оваа година ќе се обидат повторно да направат светски фестивал.
24 -то издание се отвара со претставата „Жени во собрание“, на НУ. Театар Комедија – Скопје, дело според Аристофан, а во режија на Ќендрим Ријани.

Селектор на фестивалот е доајенот на македонскиот театар, актерот Петар Мирчевски. Тој рече дека имале тешка задача да селектираат претстави бидејќи пристигнале повеќе апликации од цел свет, а најмногу од Израел.
„Да се биде“, не е само тема, туку покана да се истражат многуте аспекти на човечкото искуство преку уметноста на монодрамата. Од длабочините на очајот до врвовите на радоста, изведувачите од неколку страни на светот, на овогодинешниот фестивал ќе ве одведат на патување низ комплексноста на тоа што значи да постоиш. Сцените се подготвуваат, светлата се затемнети, а публиката е замолчена во исчекување на магијата што ќе се расплетува од 12 мај“, беше истакнато на денешната прес конференција.

И оваа година ќе биде застапена офф-програма на повеќе локации. Ова е фестивал кој има верна и квалитетна публика. Публика која ја знае моќта на осамениот изведувач како го бранува просторот за игра и како ја осветлува самата суштина на она што значи да се биде жив.
Љупка Коларова- Пајевиќ која 24 години е дел од фестивалот, истакна дека оваа година после повеќе од 15 години го обновуваат конкурсот за монодрамски текст.
Свеченото затврање на фестивалот е закажано за 20- ти мај после доделувањето на наградите, со претставата „Нема струја за електричниот стол“ на Театар „Јордан Х. К. Џинот – Велес, во режија на Дејан Пројковски.
Оваа година фестивалот ќе трае девет дена во кои ќе бидат изведени 13 претстави во конкуренција и 2 надвор од конкуренција, од Црна Гора, Естонија, Косово, Израел, Србија, Монголија, Италија, Шпанија, Хрватска, Ливанија и три од Македонија.












