Уште едно големо филмско остварување, кое зборува за Православието македонската публика имаше можност да го погледне. „Каде си, Адаме?“ е документарен филм посветен на монашкото секојдневие на Света Гора, манастирот Дохијар, кој од 8 ноември до 16 ноември оваа година беше премиерно прикажан во неколку градови низ Македонија, а во Битола во 3Д киното заради големата заинтересираност на публиката имаше две проекции.

Филмот го прикажува монашкиот живот, полн со автентични ликови, и е сниман четири години на Атос, Грција. Критичарите го опишуваат како фасцинантен извештај за потполно неспоредливиот начин на живот во рамките на монашка заедница во 21. век.

Автор на филмот е укранскиот продуцент – ѓаконот Александар Плиска, кој го реализирал проектот со режисерот Александар Запорошченко. Филмот учествувал на неколку филмски фестивали посветени на христијанската култура во Киев (добитник на Гран при), како и во Торонто, Краков, Зајечар (Србија).












