ОFF-Road клубот „Пелистер“ денеска ja реализираше рекреативната авантура за моторни возила (џипови, квадови, мотори, баги возила и сл.) по неасфалтираните терени на Пелистер. Турата се реализира по повод 4 Ноември, а има учесници од сите градови во државата, членови на пријателски клубови и ентузијасти на специјално опремени возила.

Тргнаа од пред зградата на општина Битола, од кадешто ги испратија градоначалникот Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски. Во градот ќе се вратат за еден час, околу 15.00часот и ќе бидат пред Офицерски што е нивната крајна дестинација денеска.

Организаторот, off-road клубот „Пелистер“ најави дека турата е класифицирана како лесна до средно тешка и ќе понуди динамично искуство за сите учесници. Учесниците возат низ Пелистер со повеќе кратки паузи за панорамски фотографии и одмор.

За ваков вид на авантура, затоа што возењето по калливите и непристапни терени на Баба планина и Пелистер е токму тоа, потребно е посебно опремено возило, со погон на сите четири тркала, соодветни гуми, зголемена висина од подлогата и често дополнителна опрема како компресор, јажиња, алат…
Така и им беше препорачано на учесниците кои за да бидат дел од турата имаа и котизација од 600 денари. Учествуваат само тие кои имаа технички исправни возила и што поседуваат основна off-road опрема.
Од учесниците се побара да се почитуваат правилата на Националниот парк „Пелистер“.
Фотографии:
Мартина, Ромео, Кире

















