Во рамките на манифестацијата “Денови на македонската култура” – во Загреб, беше претставена книгата „Дом на срцето“, на авторката Милена Златеска. Промотор на истата беше Маја Грегл, а настапи и вокалната група „Моми бисерни“ при МКД. „Охридски бисери“ кои беа и организатори на настанот.

Златеска има објавено повеќе песни во збирката песни „Избор песни од македонски автори од Хрватска“ во 2012 година и пет нејзини самостојни збирки „Огниште“ во 2014 година, „Ода на љубовта“ во 2017 година, „Чувари на душата“, во 2019 година, „На брегот“, во 2020 година, а најновата „Дом на срцето“, е всушност само продолжение на остатокот од колекцијата. Оваа година и беше врачена благодарница од градот Пула, Хрватска за нејзиниот долгогодишен придонес во зачувувањето на културата на македонската заедница.

Таа е воедно и претседател на Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ Пула. Нејзиниот приоднес е значаен затоа што ја запознава хрватската јавност со македонската култура, не само преку нејзините книги кои се светски познати, туку и преку активностите на македонското малцинство во Пула. Таа активно учествува во работата на македонските здруженија во Пула од самиот почеток и кога пристигна во Пула, каде што беше благајник на МПЦО „Св. Јоаким Осоговски“ и дописник на „Македонски глас“.Таа неколку години беше административен секретар и член на Советот на македонското национално малцинство на градот Пула, секретар, а подоцна и потпретседател на Македонското културно друштво на Истарската жупанија „Св. Кирил и Методиј“ .Таа денес е претседател на Друштвото и член на Управниот одбор на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, член на Редакцијата на Македонски глас, како и член на Советот на Македонското национално малцинство на градот Пула, и секретар на Македонската православна црковна општина „Св. Јоаким Осоговски“ од Пула.
Член е и на Хрватското книжевно друштво во Риека, „Култура на соништата“ од Загреб и на Друштвото за литература и уметност Решетари, како и Граѓанин на Поетската Република на Банатскиот културен центар Ново Милошево.Добитничка е на многубројни награди, дипломи и благодарници, а се издвојуваат: Благодарница за унапредување на културата и јазикот во дијаспората преку пишаниот збор на Македонската агенција за иселеништво и признание за особен придонес во афирмацијата на литературата преку пишаниот збор на Македонската амбасада во Република Хрватска и Заедницата на Македонците во Република Хрватска. Учеството во бројни хрватски и меѓународни антологии со право ја претставува авторката Милена Златеска како амбасадор на македонскиот јазик и култура не само во Република Хрватска туку и пошироко. Книгата поезија е печатена со финансиска поддршка на Советот за националните малцинства на РХ.












