Заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, кој е од редовите на Демократскиот сојуз, денеска поднесе оставка од функцијата, потврди за МИА претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов.
Ваквиот потег на Димитровски доаѓа по вчерашната одлука на партиските тела на ДС, партијата да ја напушти владината коалиција и да премине во опозиција.
По синоќешната одлука на Демократскиот сојуз, преку соопштение се огласија од СДСМ.
„ Одлуката на Демократскиот сојуз да премине во опозиција во суштина не менува ништо, владината коалицијата и парламентарно мнозинство се силни и стабилни и успешно ќе може да продолжат да ги носат важните закони во Собранието за реформите во економијата и за европскиот пат на државата. Во текот на вчерашниот ден беа усвоени Законите за Иницијативата Отворен Балкан и Договорот со ФРОНТЕКС, од интерес на сите граѓани.
Добро е што Демократскиот сојуз и пратеникот Павле Трајанов и понатаму го поддржуваат европскиот пат на државата. Ова е важно за иднината на нашата земја“ стои во соопштението на СДСМ.
Од ВМРО ДПМНЕ преку соопштение велат:
„Ковачевски прави крпена Пазар 3 коалиција за уште 10 месеци да продолжи со криминал, додека ја лепи коалицијата се повеќе партии го напуштаат бродот што тоне, поддршката на Ковачевски за владата се намалува. Коалицијата на Ковачевски се ситни, бродот што тоне прв го напушти Алтернатива, сега и Демократски сојуз, кој е следен? Секој ден нова партија ја напушта владината коалиција крпена по принцип на Пазар 3, купување со криминал, корупција и притисоци.
Предлог министрите на Ковачевски од Алијанса се лица кои се доведуваат во поврзаност со криминал и радикализам. Ковачевски прави влада крпена Пазар 3 коалиција, со луѓе вмешани во скандали, и тоа ги одвраќа сите други од таквата коалиција“ стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.












