Во најголем дел пожарот кој вчера избувна на ридот над Битола е ставен под контрола, рече утрово за Тера телевизија командирот на противпожарната едница на Битола, Горан Димковски.
Преостанат е уште еден мал дел кој во наредните часови се очекува да се обезбеди, а се работи за прилично непристапен терен. Во справувањето со пожарот учествуваат над 100 лица, пожарникари, доброволци и вработени во јавните претпријатија, вели командирот Димковски.
„Нема потреба од воздушна интрервенција“, рече за Тера Стојанче Ангелов од Центарот за управување со кризи.
Во информацијата од Центарот за управување со кризи се вели дека пожарот кој што започна вчера во 16.00 ч. кај м.в. „Германски гробишта“, на ридот над населбата Баир во Битола се уште трае и се шири кон „Бел Камен“ и „Снегово“.
Гори сува трева, грмушки и шума со мешовит состав. Зафатена е површина од околу 100 хектари.Засега не се загрозени населени места. Во текот на денот интервенирале: ТППЕ Битола со 35 пожарникари и 6 ПП возила,ДПД „Архангел “со 9 пожарникари,ЈП НШ Подружница „Кајмакчалан“ со 12 лица и ЈП „Водовод“од Битола со 10 лица и локално население.
Во 22,00 ч.се одржа состанок на Кризниот штаб во Општина Битола на кој е одлучено во ноќните часови на терен да останат екипи од ТППЕ Битола,а во утринските часови на терен да излезат ТППЕ Битола со 40 пожарникари, ДПД „Архангел “со 9 пожарникари, ЈП НШ Подружница „Кајмакчалан“ со 10 лица, ЈП „Водовод“ од Битола со 15 лица, ЈП Нискоградба со 10 лица, ЈП Комуналец со 15 лица и ЈП Стрежево со механизација.
Во пожарот повреден е еден пожарникар кој со изгореници е хоспитализиран во Клиничката болница во Битола. За пожарот се известени сите субјекти од Системот а управување со кризи (СУК). Се претпоставува дека пожарот започнал од дива депонија.
Градоначалникот на Општина Битола упати барање за воздушна поддршка.