ТЕРА

REKLAMA???

ДОБРА ХИДРОЛОШКА ГОДИНА ЗА СТРЕЖЕВO

За разлика од минатата сушна година, оваа се проценува за добра хидролошка година за акумулацијата Стрежево која во моментот има 70 милиони кубни метри вода. Наредниот период се очекуваат големи количини вода во акумулацијата со топењето на снегот од потпелистерието. Од ЈП Стрежево велат дека иако имаше многу снег изминатите месеци, заради ниските температури се уште не е стопен.

-Се надевам дека со топењето на снегот во април и мај полека ќе биде топењето за да имаме доволни количини вода во собирниот канал. Собирниот канал ни е со капацитет од 5 метри кубни, додека Шемница од другата страна на Пелистер може да има повеќе вода. Ако се топи полека може да ја собереме водата, но ако дојде вишок на вода ние не можеме целата вода да ја собереме, затоа што сме лимитирани со капацитетот на собирниот канал, изјави Менде Граматковски, директор на ЈП Стрежево.

Исто така сега се исклучени и прибранските хидроцентрали на хидросистемот со цел максимално да се акумулира водата за летниот период.

-Оној момент кога ќе имаме зголемена потреба за вода за наводнување, за РЕК Битола, за индустријата и за пиење, на почетокот на јуни, тогаш ќе бидат вклучени хидрицентралите кога водата ќе може да се користи двонаменски, да се испорача вода за корисниците и да ја користат за произведување електрична енергија, вели Граматковски.

Граматковски вели дека иако годинава се подготвени за испорака на вода до сите корисници, апелираат на рационално користење на водата за да нема рестрикции.

-Пелагонија без водата од хидросистемотСтрежево нема да е она што е сега. Се надевам дека сите корисници максимално ќе штедат, за да нема последици во делот на испорака за вода, напоменува Граматковски.

Ги повикува и земјоделците навреме да ги пријават површините за наводнување, во спротивно ќе се соочат со присилна наплата.