ТЕРА

REKLAMA???

ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ НА ФИЛМСКАТА РЕВИЈА „ЗЛАТНА РАМКА“

Престижните почесни награди во рамките на филмската ревија „Златна рамка“ на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) беа доделени за време на свечената церемонија која се одржа во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје. Настанот на едно место обедини околу стотина гости – еминентни претставници од светот на културата и кинематографијата и љубители и поддржувачи на македонската филмска индустрија. Годинешните почесни награди беа доделени на Владимир Анастасов – Вац за најистакнат филмски автор, на Тони Михајловски како најистакнат актер и Марина Колоска за најистакнат филмски работник.

Манифестацијата „Златна рамка“ фокусот го става на филмовите произведени во изминатата година и има значајна улога во развојот на филмската култура во земјава. Таа, според организаторите, претставува еден вид витална платформа за филмските професионалци да разменат искуства и согледувања, поттикнувајќи средина за соработка која го подобрува квалитетот и досегот на македонската кинематографија. Истовремено, оваа манифестација ги претставува македонските краткометражни, долгометражни и документарни филмови пред будното око на македонската публика, која со своите впечатоци и критика придонесува за континуиран развој на кинематографијата.

„Со организацијата на ’Златна Рамка’, целиме да ја промовираме македонската кинематографија на поширока публика и верувам дека оваа година успеавме во тоа, Навистина ми е драго што имаме зголемен број на филмски проекции, а киносалите се исполнети до последното столче“, изјави Томи Салковски, генерален секретар на ДФРМ.

Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Игор Иванов – Изи оценува дека иако посветеноста и креативноста на нашите филмски работници се видливи преку нивната импресивна работа, македонската филмска индустрија бара соодветна поддршка и промоција од нашите институции за вистински просперитет.

Како дел од програмата на филмската ревија „Златна рамка“,љубителите на македонскиот филм можеа да ги проследат проекциите на: документарците „Бисер“ во режија на Драган Кумев и „Последниот каубој на Балканот“ од режисерот Сабедин Али. Следуваше прикажувањето на долгометражниот филм „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова, документарните филмови “Живот на крстосница“ (Недопирливи) од Зоран Димов и „Емигрант сум или…“ од Сенад Абдули, 9 кратки филмови на режисерите Александра Кардалевска, Ангела Димеска, Јован Саркањац, Јане Спасиќ, Ѓорче Ставрески, Сандра Георгиева, Сабедин Селмани, Берат Асани, Јане Алтипармаков и Гоце Трајковски, а тука е и презентацијата на филмската камера на “Sony“. „Дневник по многу години“ во режија на Никола Т. Калајџиски, како и „Лена и Владимир“ од режисерот Игор Алексов  и „Домаќинство за почетници“ од режисерот Горан Столевски.

Во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ се спроведе социјалната програма „Фокус“ која нуди специјални проекции за публиката која не може да го посети киното „Фросина“. Организаторите потенцираат дека фестивалот е инициран како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција и се етаблира како клучен настан за промоција на македонската кинематографија. Дополнително, последниот ден од ревијата беше во знакот на еден исклучително важен сегмент на кинематографијата, а тоа е грижата за нејзиното негување и сочувување. Сите заинтересирани можеа да присуствуваат на трибината на тема „Зачувување на аудиовизуелното наследство“на која учествуваа експерти како Владимир Ангелов, проф. Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски.