Врнежите од дожд кои што во изминатиот период ја зафатија државата па и Пелагонија се штетни за житните култури, вели Ѓорѓи Ѓорѓиевски земјоделец од с.Логоварди. Пченицата вели е нападната од болести, односно појавена е рѓа која може да доведе до преполување на родот.

„Житото зрее, имаме проблеми со влагата, се крепиме некако, ама веќе е појавена болеста рѓа на житото. Ако продолжат дождовите и влагата се повеќе се зголемува ќе биде тешко за жетвата. Реално ќе биде тешко за сите, може да има намалување на приносите и гниење. Ако рѓата се развие до тој степен ќе се десеткува производството. И да употребиме препарати ќе биде тешко и од нивниот квалитет ќе зависи што ќе можеме да спасиме од пченицата“, вели Ѓорѓи Ѓоргиевски, земјоделец од с.Логоварди.
Тој има посеано 6 хектари житни култури, пченка обработува на 5 хектари и 2 хектари има со градинарски култури. Секоја година произведува околу 35 тони жито. Oчекува дека цената на житото годинава ќе биде ниска, пониска од ланаката.
„Нема уште реална цена на житото се шпекулира со некои цени, најверојатно ќе биде ниска цената на житото годинава, меѓутоа да не се шпекулира. Ако се спаси пченицата ќе има принос добар со тоа ќе амортизираме малку, но ако се спасат“ , вели тој.

Министерот за земјоделие при последната посета на Битола, односно во петокот рече дека подсекторска група разговара за состојбите со житото со сите засегнати страни.
„Да ги почекаме анализите на подсекторската група .Оваа година имаме зголемени површини под пченица, нови 4 илјади хектари, а се очекуваат над 253 илјади тони пченица, што претставува раст во споредба со лани. Минатата година постигнавме рекордни цени во откупот на пченицата, јачменот и оризот. Највисока цена на тутунот и за 30 проценти повисока откупна цена на грозјето. И оваа година ја усвоивме програмата за Интервентниот фонд како финансиската поддршка надвор од субвенциите и сите останати мерки за интервенција на пазарот и поддршка на производителите“, рече министерот Љупчо Николовски.
Министерот уверува дека нема простор за загриженост поради недостиг на храна.












