Продолжува градбата на топловодот од РЕК Битола кон Битола. Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека е регистрирано новото друштво на ЕСМ, а тоа е „Топлификација“ Битола.
„Јавноста знае, а посебно битолчани дека ЕСМ и РЕК Битола веќе го градат топловодот од РЕК Битола до градот Битола, поминувајќи низ населените места на Могила и Новаци. Овој децениски проект замислен уште при градењето и пуштањето во функција на РЕК Битола, значи уште пред 40 години, но овој менаџмент само пред две години успеа да направи успешна постапка и заедно со КФВ банката инфестираме околу 40 милиони евра, дел се кредитна линија, дел се сопствени средства на компанијата и дел се поддршка од буџетот, и денеска може да видите дека топловодот веќе се гради и дека е веќе пред влезот во Битола“ рече Ковачевски.
Тој рече дека она што сака да го спомене на денот на роденденот на Битола, е уште една добра вест.
„На денот на роденденот на Битола во Централниот регистар се регистрира новото друштво на АД ЕСМ, а тоа е „Топлификација“ Битола. На 4-ти ноември имаме формирано нов субјект кој што ќе се грижи за топлинската енергија за градот Битола и за битолчани“ рече Ковачевски на прославата 40 години РЕК Битола, која викендов се одржа во Битола.












