ТЕРА

REKLAMA???

„ЕХОТО НА АКРОБАТИТЕ“ НА ЈАНКОВСКИ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ПЕГАЗ

Ракописот со наслов „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година. Во најтесниот избор беа разгледани и романите: „И“ од Кристина Краличин, „Брчка или За болешливото здравје“ од Филип Љ. Трајковски и „73 денови“ од Иво Митев.

На шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 56 ракописи. За победникот одлучуваше тричленото стручно жири во состав: проф. д-р Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература), проф. д-р Ермис Лафазановски (Институт за фолклор, писател) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).

Во образложението на Комисијата се вели дека од пријавените 56 ракописи, педесет и два ракописи го исполнија условот за учество. Од нив 12 се вбројуваат во категоријата роман за деца и младинци, а 40 се романи-ракописи за возрасни. Комисијата едногласно одлучи наградата „Пегаз“ да му се додели на Владимир Јанковски.

Тој дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Има објавено седум книги: „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ (2023), „Скриени желби, немирни патувања“ (роман, 2020), „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (фотоесеи, заедно со Иван Блажев, 2010), „Скопје со широко отворени очи (фотоесеј, заедно со Иван Блажев, 2008) и „Огледало за загатката; разговори со Влада Урошевиќ“ (2008).

За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ и бил македонски кандидат за Наградата за литература на Европската Унија, а за „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“. Активно се занимава со книжевен превод. На македонски јазик превел дела од Дубравка Угрешиќ, Миљенко Јерговиќ, Драго Гламузина, Кристијан Новак, Светлана Слапшак, Чарлс Буковски, Ден Роудс, Филип К. Дик, Сузан Сонтаг, Зоран Фериќ, Огнен Спахиќ, Андреј Николаидис, Мухарем Баздуљ, Слободан Шнајдер и други.

Годинешното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.