ТЕРА

REKLAMA???

ЗАПОЧНА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА АВТОПАТСКАТА ДЕЛНИЦА ПРИЛЕП-БИТОЛА

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска во Прилеп, присуствуваше и се обрати на настан по повод означување на почетокот на реализацијата на автопатската делница Прилеп-Битола, како дел од активностите за изградба на Коридорот 10-д, кој заедно со Коридорот 8 е најголемиот инфраструктурен проект во историјата на државата.

„Чест и задоволство ми е што денеска го означуваме почетокот на реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава на Коридорот 10-д, преку подготвителните работи, кои веќе можете и да ги забележите, тука на оваа траса, на идната автопатска делница Прилеп-Битола.

Ова е проект којшто е од национален и стратешки интерес за државата, од кој придобивка ќе имаат граѓаните, економијата и државите коишто ги поврзува овој Коридор. Изградбата на Коридорот 10-д е траен влог и наследство за идните генерации.  

Драго ми е што и нашите стратешки партнери САД, ја препознаваат важноста на владините политики што ги преземаме за развој на инфраструктурата, особено бенефитот што ќе го има не само нашата држава, туку и соседните држави од изградбата на најголемиот инфраструктурен проект, Коридорите 8 и 10-д. И за време на мојата работна посета на САД, добивме силна поддршка и беше изразено огромно задоволство, што токму конзорциум „Бехтел и Енка”, составен од американска и турска компанија е изведувач на овој стратешки проект.

Изведбата на делницата Прилеп-Битола, како дел од Коридорот 10-д, во должина од 40 километри, заедно со автопатските делници од Коридорот 8, претставуваат најголема капитална инвестиција во нашата земја, која ќе биде пресвртница во развојот на нашата држава.

Инвестиција, со чијашто реализација нашата држава конечно од кружен тек на Балканот станува вистинска крстосница на Балканот. Инвестиција, со којашто Македонија ја позиционираме на економската и инфраструктурната карта на Европа. Тоа што беше многугодишна стратешка определба на многу влади, оваа Влада денес го реализира.

Денес проверував еден факт, а тоа е дека од осамостојувањето на нашата држава, скоро во 90% од времето министри за транспорт и врски биле или од Прилеп или од Битола или од Ресен и никогаш не го направиле автопатот меѓу Битола и Прилеп. Затоа министер од Штип, Благоја Бочварски заедно со Ејуп Рустеми ќе го направат автопатот од Прилеп до Битола или од Битола до Прилеп, како милуваат граѓаните“ рече Ковачевски.

Ковачевски рече дека за прв пат, преку модерна инфраструктура после 30 години се поврзуваме со исток и запад, се поврзуваме со нови пристаништа во Драч и во Бургас, ги зајакнуваме транспортните врски со регионот.

Придобивките од изградбата на овој проект се огромни и од повеќе аспекти. Изградбата на коридорите 8 и 10-д значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години. Паралелно, со реализацијата на овој проект, се отвораат можности за нови бизниси, изградба на нови објекти од различни дејности, бензински пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите, истакна премиерот.