Пушењето цигари станува се поскапа навика. Во зависност од брендот пакета цигари во Македонија до октомври можеше да се купи за 130 до 220 денари. Ова подразбира дека пушач што консумира по една кутија дневно месечно издвојува од 3.900 до 6.600 денари. За една година, тоа се од 46.800 денари до 79.200 денари.
Но, што значи ова за семејствата во кои пушат двајца? со пресметка од 160 денари по кутија нагоре, затоа што во октомври настана нова промена на цените.
Ако двајцата пушат по една кутија дневно, месечниот трошок за цигари достигнува од 9.600 до 13.200 денари, односно од 115.200 до 158.400 денари годишно. Тоа се илјадници денари што би можеле да се потрошат за храна, сметки, облека, образование или здравствени потреби.
Пресметката е едноставна:
Еден пушач: од 4.800 до 6.600 денари месечно.
Двајца пушачи: од 9.600 до 13.200 денари месечно.
Двајца пушачи за една година: до 158.400 денари.
Државната акцизна политика предвидува постепено зголемување на давачките за цигарите до 2030 година. Според предвидениот календар, специфичната акциза се зголемува за 0,23 денари по цигара секој 1 јануари. За кутија од 20 цигари, тоа се дополнителни 4,60 денари специфична акциза годишно, но не значи дека малопродажната цена задолжително ќе се зголеми за истиот износ.
Целта на повисоките акцизи е, меѓу другото, да се намали потрошувачката на тутун и да се приближи домашното законодавство до европските стандарди.
Сепак, високата цена не значи автоматски и помал број пушачи. Според процените на Светската здравствена организација, во 2023 година околу 39,5 проценти од населението на возраст од 15 години и повеќе во Македонија пушеле цигари . За споредба, во Европската Унија процентот на пушачи изнесувал 24 проценти.
Цигарите се и здравствен проблем и значаен трошок за домаќинствата. Прашање е колку ваквите поскапувања влијаат врз навиките на граѓаните? Повисоката цена може да ги поттикне дел од пушачите да намалат или да престанат да пушат, но сама по себе не гарантира промена.
Предизвикот за здравствените институции останува како зголемувањето на цените да се претвори во реално намалување на пушењето, со подобра превенција, информирање и достапна поддршка за откажување од тутунот.
Покрај традиционалните цигари, акцизниот календар опфаќа и покачување на цените кај пурите, цигарилосите, како и кај течностите за електронски цигари и несогорливите тутунски производи, кои , за жал ги користат новите , младите генерации зависници од никотин.











