Се уште на официјалната страница на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ стојат грешните имиња на луѓето во чија чест се одржува овој фестивал.
Медиумите и познавачите на приликите за направената грешка на страницата алармираа уште на денот кога почнуваше, односно на 23 септември. Денеска е 29 септември последен ден од фестивалот, а грешните имиња се уште стојат и во македонската и во англиската верзија.
А бидејќи е меѓународен фестивал со многу гости, кои во време кога се одржува фестивалот, се информираат и од страницата, за цело време имаат грешна информација, за оние во чија чест се тука.
„Прекрасното непознато“ е годинашното мото на овој фестивал. Ако оваа вест се гледа низ призмата на мотото на фестивалот, тогаш не сме сигурни дека она што за некој е непознато може да е прекрасно, а особено не за имињата на првите балкански сниматели.
Инаку фестивалот оваа година, имаше и црвен килим и балон, проекции, работилници, прес конференции, дружења и слично. Пред да започне фестивалот кажаа колку ноќни забави имало лани. За годинава можеби ќе соопштат до година.
Еден од советниците во Советот на Општина Битола на својот фејзбук профил, го отвори прашањето дали не е време овој фестивал да биде Национална установа, а не како досега, и седиштето да му биде во Битола, нешто што се зборува со години наназад и ја има поддршката од битолчани, дотолку повеќе што општината за овој фестивал оваа година одвои 3 милиони денари.