ТЕРА

REKLAMA???

ЗГРАДАТА НА ВЛАДАТА ВО БОИТЕ НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ

Синоќа, по повод 32 години независност, зградата на Владата на Република беше обоена во боите на македонското знаме. Фотографија објави агенцијата МИА.

Под мотото „Гласник на слободата“ вчера со повеќе активности, во организација  на Владата, се одбележа Денот на независноста 8 Септември.

Граѓаните имаа можност за бесплатна посета на музејски и галериски поставки во ликовните салони и археолошки локалитети низ целата држава, беа одржани тактичко показни вежби и изложба на единиците на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, спортски активности во соработка со Агенцијата за млади и спорт, културно-уметнички програми.

Владина делегација предводена од премиерот Ковачевски положи цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Глигоров и Трајковски.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски по повод Денот на независноста рече дека Гласот за слобода, со кој е постигната независноста, денес е глас за европска иднина.

„32 години подоцна, пред нас е гласот на граѓаните, во мнозинска определба од 80 проценти, за живот во Европа, во ЕУ, но во родната, Република Северна Македонија. Ние, генерациите на денешнината, имаме обврска да се одзвеме на повикот на денешниот 8 Септември, којшто од нас бара континуитет на вековно поставената идеја за прогрес и напредок.

Оваа е шанса која доаѓа во време кога Република Северна Македонија е меѓународно етаблирана држава, со осигурени граници, со признаен македонски јазик и идентитет, земја пример за успешна мултиетничка демократија, која придонесува во регионалниот и европскиот мир, како слободна и суверена држава, членка на НАТО, земја која сигурно чекори на патот кон Европската Унија.

Во време кога во Соединетите Американски Држави, септември 2023 година е прогласен за месец на македонската култура во САД.

Во време кога германскиот Бундестаг оддаде признание на македонскиот јазик, култура и историја.

Во време кога се одбележуваат денови на македонската култура во Шибеник – Хрватска, каде ги славиме културата и уметноста рамноправно со нашите партнери од ЕУ.

Во услови кога дипломатите учат македонски јазик пред да дојдат во земјава. Во услови кога на македонски јазик е веќе потпишан првиот договор со Европската комисија, договорот за ФРОНТЕКС.

И кога на македонски јазик веќе се преведува целото европско законодавство. И кога од Европската Унија е финансиран преводот на 400-тини романи пишувани од европски автори – на македонски јазик.

Сето ова беше тотално незамисливо во првата, најкритична фаза по независноста на државата, во 1992 година, кога беше донесена Лисабонската декларација, во којашто стоеше дека Европската заедница ќе ја признае нашата земја за независна држава, доколку Македонија прифати во нејзиното име да не се содржи зборот Македонија и придавката македонски.

Денес, после 30 години, реалноста е сосема поинаква.

Денес Европа и светот зборуваат за македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес нашата родна земја, Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава, чии граници се исцртани на светската географска карта.

И ова е и мора да биде нашиот мотор. Денес кочниците се само во нашите раце и на дел од политичарите тука во нашата држава“ рече премиерот Ковачевски.