„Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи ја доби наградата „Златно сонце“ на 21. меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“.
„Во патријархално општество чии темели биле изградени врз жртвите на безброј жени, замолчени и невидливи низ историјата, катарзично е да се биде сведок на хуманоста и издржливоста на жените денес, кои го враќаат она што отсекогаш и со право им припаѓало. Со своето повеќеслојно портретирање на човековата природа, чудесната камера и извонредната глума што ја доловува комплексноста на женскиот род со генерации наназад, ова филмско деби открива жесток нов глас од режисерка што силата ја гледа во тивките фигури“, истакна жирито.

„Благодарам многу. На овој филм, копродукција меѓу Косово, Македонија и Албанија работев вкупно седум години. Во тој период ја добив и ќерка ми. Ова е филм за сите жени во светот“, рече Красниќи.
Претходно овој филм освои 2 две награди на Интернационалниот филмски фестивал и форум за човекови права во Женева и тоа Гран при и награда од жирито, тука е и меѓународната награда „Ингмар Бергман“ на Филмскиот фестивал во Гетеборг, Шведска.
Филмот ја имаше својата светска премиера на Интернационалниот фестивал во Венеција, кога беше дел од официјалната селекција на 78. издание на Фестивалот во програмата Хоризонти. Режисерката тогаш ја освои наградата за најдобра режија „Автори под 40“.
21. меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“ оваа година се одржуваше под слоганот „Од високо подобро се гледа“ и беа прикажани 50 филмови, а куриозитет беше ексклузивната гала-селекција, на која беа прикажани филмовите од „Канскиот филмски фестивал“.












