Со цел да се изврши проценка на ризик и следење на квалитетот на површинската вода и состојбата на плажите на Преспанското Езеро, од здравствено еколошки аспект кај населението за време на сезоната на капење, во првата половина на 2023 година извршени се 18 санитарнохигиенски увиди и земени се 18 примероци површинска вода односно вода за капење, сстои во извештајот на Институтот за јавно здравје за квалитет на природни езера пред сезона на капење 2023.
Примероците се земени од 6 мерни места и тоа плажа Стење, Отешево, Претор, Сливница, Крани и плажа Долно Дупени, за лабораториска анализа во обем микробиолошка и физичко-хемиска анализа, од страна на екипа од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола, П. Е. Ресен.
За жал, во овој период имаше доста врнежи на кои се должи пореметувањето на квалитетот на водата од езерото. Високите бранови донесоа многу песок во делот каде што се зема водата за анализа, што доведе до појава на заматување на водата од езерото. Земањето на примероците вода за анализа практично беше од делот со многу тиња, а влезот во езерото отежнат.
При увидот не се забележани потенцијални загадувачи долж плажите покрај езерото, но сепак потребна е редовна контрола на водата од загадувачи, во с. Стење (подземните води од септичките јами во селото), с. Претор (отпадните води од сите објекти се собираат во сопствени попивни јами) и Отешево (испустите од пречистителната станица, која ги пречистува отпадните води од центарот за рехабилитација во Отешево, но која не е реконструирана повеќе години).

По добиените лабораториски анализи на примероците вода, согласно Уредбата за класификација на водите , според физичко – хемиската анализа, површинската вода главно се категоризира во I – II класа.
Мал дел од примероците се класифицираат во III-V класа заради БПК (Биолошка потрошувачка на кислород) и ХПК (Хемиска потрошувачка на кислород), а во V класа се класифицира заради зголемена вредност на параметарот матност.
Мора да се нагласи дека метеоролошките услови во моментот на земањето на примероците не биле поволни (облачно време проследено со ветер и врнежи).
Согласно член 4 од Правилникот за начинот и мерките за управување со водите за капење, техничките критериуми и целите на квалитетот на водата за капење, како и начинот и постапката за информирање на јавноста за резултатите од мониторингот на водата за капење, водата од
Преспанското Езеро се класифицира како одлична.












