Денеска им измина рокот, но не го напуштија местото за продажба на паркинг просторот во Градскиот реонски пазар во Битола. Велат не закупиле тезги бедејќи не ги берело сите продавачи да влезат во пазарот за да продаваат.

„Денеска дојдоа вработените од ЈП Пазари не известија дека Градски пазари повеќе не е надлежен за овај пазар, не предупредија дека од денес повеќе не смее тука да се продава. Ова не е проблем на градот, ова е економски проблем. Овде се работи за лична егзистенција, ова не е бизнис, 500 фамилии произведуваат, заработуваат и се хранат од тука. Денес е 16- ти мај сезоната е веќе започната веќе сите трошоци ни се подмирени, сите знаеме како оди земјоделието, ќе ги вложите сите пари, ќе го вложите сиот труд, а потоа ако ви дозволи времето нешто ќе продадете“, вели Никола Бубевски.

„Слободна е 31 тезга, а само од Оризари најмалку 50 луѓе продаваме овде, а каде се пазарџиите од другите места, каде ќе не собери сите внатре во пазарот“, вели Мите Трајчевски.

„Пред да се изгради овај пазар и паркингот ние продававме низ цел град. Со одлука на Совет, тие не донесоа овде, сега самите се побиваат. Ние не сме 20 тезги, ние овде сме преку 500 луѓе, сезонски коишто работиме преку цело лето“, вели Живко Атанасовски.

Проблем не биле финансиите кои што треба да ги дадат за закуп на тезга, велат и муштериите ги препознавале по нивното производство. Побараа од надлежните да ја преиспитаат одлуката и да им овозможат да останат на паркинг просторот да продаваат уште оваа сезона.

„Наместо сега ние да се бориме да проиведеме што подобар производ, ние сега се бориме со работи за кои не гледам јас резултат. Ние се караме секој ден, а немаме видливи резултати. Затоа нашиот предлог на сите пазарџии е: оставете не барем до ноември да продадеме се, следи зима, и секој ќе си го менаџира своето време“, вели Бубевски.

Им ги кажаа проблемите и на дел од советниците

„ Верувам во Советот дека има здрав разум, навистина искрено верувам дека со колегите ќе го најадеме решението. Поддршката ќе ја имаме и од колегите советници без оглед на влас и опозиција, сепак се граѓани коишто си го вадат својот леб. Да нема поделба ниту од тие што се внатре во пазарот, ниту од надвор, така што како ќе се најде решението, ќе видиме како што е во законската рамка што ја дава. Ќе ја видиме одлуката, ќе видиме дали можеме да ја одолжиме, да ја преиспитаме, да ја дополниме итн“, рече Борче Корлевски, советник од СДСМ.

Директорката на ЈП Пазар вели дека тие како јавно претпријатие се должни да ги почитуваат одлуките кои ги носи Советот.

„Советот на Општина Битола на 29.04 едногласно ја донесе одлуката која што треба да се применува после 15 дена од рокот на донесување, а тоа беше во саботата, пролонгиравме викенд, за да стапи во сила денес. Денес уредно беа сите поканети да си дојдат во пазарниот простор кој што е определен за продажба на земјоделски производи и да си закупат тезга. Сите други инсинуации и политички мотивирани советнички групи, јас мислам дека само ова е собирање на политички поени и ништо друго, понатаму можат битката во Советот на Општина Битола, а ние како ЈП Пазари мора да ја спроведуваме одлуката која што нас ни ја достави Советот на Општина Битола. ЈП Пазари во овие 15 дена максималано вложи напори да ги исполни сите забелешки коишто беа дадени од нивна страна, тие беа присутни на седницата, беа присутни од сите советнички групи, ако ова беше една од забелешките требаше тогаш да го истакнат како забелешка, па да се дебатира и да се донесе заклучок во поинаква форма. Сега во овај момент ние сме должни да ја извршиме одлуката којашто е донесена“, рече директорката на ЈП Пазари Соња Карапашовска.

На наредната седница која што ќе се одржи на крајот на месецот како што рече советникот Корлевски најверојатно повторно ќе се најде овај проблем на тезгаџиите од Градскиот реонски пазар.












