Битолчанецот, кларинетистот Горан Бојчевски кој долги години живее и работи во Словенија, одржа заеднички концерт со долгогодишниот пријател и соработник Матија Дедиќ, во рамките на фестивалот Ана, во Рогашка Слатина. Во рамките на програмата изведоа македонски композиции, меѓу кои и „Калеш Анѓа“.

Бојчевски го вбројуваат меѓу најдобрите кларинетисти во светот. Своето школување го започнува во Македонија, во Битолското музичко училиште, додипломските студии ги завршува во Љубљана, а постдипломските на Универзитетот „Моцартеум“ во Салзбург. Како солист успешно соработува со врвни музичари и институции ширум светот. Изумител е на музичкиот стил „балкан нуево“, кој се потпира на македонската традиционална музика, модернизирана со елементи од класичната и танго музиката.

Пишува за најелитните европски универзитети, каде ги изведуваат неговите дела, настапува на сите позначајни фестивали во светот, меѓу кои и „Охридско лето“. Има освоено голем број на државни и меѓународни први награди. Следниот концерт на Бојчевски е како гостин на концертот на Џибони.












