По повод завршувањето на градежните работи на топловодот од РЕК Битола до Битола и почетокот на активностите за изградба на топловодната мрежа низ градот, денеска во Битола премиерот Димитар Ковачевски. Овај капитален проект станува реалност после 40 години, посакуван откако е изграден РЕК Битола, рече премиерот.

„Секогаш ми е драго кога доаѓам во Битола, бидејќи несомнено дека енергетските проекти и најголемите енергетски ресурси се наоѓаат токму во Битола а и она што се гради во моментов е енергетската иднина во државата, повторно се наоѓа во Битола. Задоволството е уште поголемо што денес, во пресрет на 4 ноември, денот на ослободувањето на градот Битола, заедно ја одбележуваме интензивната динамика на изградбата на Топловодниот систем во Битола. Овој капитален проект станува реалност после цели 40 години, посакуван откако е изграден РЕК Битола. Денес, завршуваат градежните работи на топловодот од РЕК Битола до Битола и веќе стартуваат активностите за изградба на топловодната мрежа во самиот град.Овој проект по своето значење и големина се вбројува во рангот на изграбата на РЕК Битола, на Стрежево и други капитални објекти кои суштински го промениле и го менуваат животот во градот.Овој капитален проект се реализира со 39 милиони евра поддршка на германската KFW банка, како и дополнителни 7 милиони евра сопствени средства на АД ЕСМ и ќе донесе бројни придобивки кои ќе ги почувствуваат сите граѓаните на Битола.Согласно планот, најпрвин, ќе бидат приклучени 35 државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, спортската сала, објекти кои загадуваат и кои многу трошат за згревање, а потоа, мрежата ќе се разгранува низ градот. Интензивно се работи од 2021 година и системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година.
Трасата на топловодот како што посочи премиерот поминува и низ Новаци и Могила, кои во значајна мера се потпираат на земјоделството. Топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти, со што ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во овој крај, рече тој. Имотно правните односи по текот на трасата биле решени по пат на експропријација, а објасни дека владата имала план и за РЕК Битола.

„Работиме по план и стратешки реализираме проекти кои години се држеа во фиоки, поради тоа што не биле добро смислени и поставени, како што беше и со овој проект кој претходно беше економски неисплатлив и еколошки неприфатлив.Дополнително ги решивме – нерешените имотно правни односи по текот на трасата на топловодот, по пат на експропријација. И многу важно, овој проект кој е од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила е еколошки, а претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола која ќе работи на мазут, што е недозволиво. И тоа го решивме – сега ќе има потстаница на природен гас со оглед на тоа што ја поврзавме Битола со комплетното гасно поврзување до цевководот во Жидилово.Решена е и најголемата дилема за долгорочноста на топловодот. Со последните измени на проектот, направени пред да отпочне неговата реализација, обезбедивме иднина на топлификацијата, без разлика од каков ресурс РЕК Битола ќе произведува електрична енергија. Ние имаме план за РЕК Битола, тоа за нас е приоритет во енергетската политика, енергетската транзиција на РЕК Битола е највисок приоритет за целокупниот развој на пелагонискиот регион меѓутоа и на целата држава. Токму затоа реализираме дел од зацртаните планови, со нови проекти, за обезбедување на топлината за Битола, Новаци и Могила, планираме изградба на нова когенеративна електрана на природен гас, која во иднина ќе може да работи и на водород. За ова веќе соработуваме и со еден од најголемите американски гиганти во оваа индустрија и веќе се водат конкретни разговори на ова поле. Оваа гасна електрана ќе замени еден од постојните термоблокови. Дополнително, во финална фаза се и физибилити студии, за нови над 300 MW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола, нашиот најголем производител на електрична енергија од јаглен. Овие проекти се изработуваат благодарение на техничката помош што ја добиваме од меѓународните финансиски институции ЕБРД и kfW банката од Германија, на кои сме им благодарни што ја подржуваат енергетската транзиција во Северна Македонија. Очекувам на почетокот на 2024 година, да се избере и компанијата која ќе ја изгради првата 20 MW фотонапонска централа во РЕК Битола и ќе ја започне енергетската транзиција. До крајот на наредната година истата ќе биде и во функција и оперативна на мрежа.Со ова сакам да потенцирам уште еднаш дека вработените во РЕК Битола не треба да стравуваат за својата иднина, туку напротив РЕК Битола има иднина, РЕК Битола ќе произведува струја за Северна Македонија. Веќе се обезбедени поврзувања на гасоводната мрежа, до крајот на годината почнуваме со нов гасовод кон Грција која ќе обезбеди доволни количини за една праведна транзиција на РЕК Битола кон обновливи извори на енергија но и кон производство на електрична енергија од гас што значи дека работниците во РЕК Битола не треба да стравуваат за својата иднина, а младите кои што студираат на машинските и електро факултетите ќе ја имаат своја професија во овој наш најголем комбинат за производство на електрична енергија, рече премиерот.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов нагласи дека Еколошките придобивки од Топлификацијата се огромни. Со воведувањето на овој вид на греење ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми енергетската ефикасност.
„Битолчани ќе добијат топлинска енергија, а со тоа и еколошки чист и високо комфорен начин на загревање на институциите, деловните субјекти и домовите. Поаѓајќи од фактот дека повеќе од половина од потрошената енергија во објектите отпаѓа на загревање, овој проект обезбедува висока економичност и поради тоа е од исклучителна важност за намалување на потрошувачката на електрична енергија за загревање, што е една од клучните придобивки за заедницата и за граѓаните. Со имплементацијата на овој проект, со користење на топлинска енергија за греење, ќе се намали користењето на електричната енергија, мазутот и огревното дрво за греење, а ќе се зголеми безбедноста и сигурноста на дистрибутивната мрежа на електрична енергија. Еколошките придобивки од Топлификацијата се огромни. Со воведувањето на овој вид на греење ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми енергетската ефикасност. Во однос на енергетската ефикасност, топлинскиот извор на централен топлификациски систем со голема моќност, опремен со современ систем за регулација и автоматизација на процесот на производство на топлинска енергија има значителна предност во однос на индивидуалните топлински извори кај потрошувачите“, рече Стефанов .

Битола добива топлификациски систем кој е проектиран да работи и независно и да обезбедува топлинска енергија од 100 MW, рече директорот на Топлификација Горан Козаров.
„Со завршувањето на изградбата на трасата на топловодот од РЕК Битола до тука, започнуваат нашите предизвици низ битолските улици. Откако ќе се пробиеме под железничката пруга и ќе излеземе на обиколницата, ќе се работи паралелно на двата краци на топловодот – кон улицата Партизанска и кон кружниот тек на Дулие, па нагоре кон Црн мост. Во следните 18 месеци, низ Битола ќе бидат изградени 10,5 километри топловод. За градежните активности граѓаните ќе бидат благовремено известени. Задоволен сум и благодарен од досегашната соработка со Општина Битола и локалните јавни претпријатија и очекувам таа и понатаму да продолжи до целосното завршување на проектот.Први на топловодната мрежа ќе се приклучат полицијата, општината, болницата, спортската сала и други објекти кои се или големи потрошувачи на електрична енергија за греење или за затоплување користат мазут во топланите и ја загадуваат животната средина. Затоа, економските и еколошките придобивки што се очекуваат од топлификацијата во Битола ќе бидат реални и огромни“, рече Козаров.
Низ Битола е предвидено да бидат изградени 10,5 километри топловод.












