Во периодот од 2012 година заклучно со 2022 на ниво на држава се регистрирани околу 8590 парчиња пиштоли, велат од МВР . Согласно нивната евиденција од оваа бројка во Битола се регистрирани 863 Прилеп – 203, Демир Хисар – 102, Крушево – 78, Македонски Брод – 46 и Ресен – 56 парчиња пиштоли.
По однос на нашето прашање кои се условите што треба да се исполнат за издавање на одобрение за набавување на оружје, од МВР велат дека е потребно подносителот на барањето да има наполнето 18 години живот. По исклучок одобрение за набавување на кусо огнено оружје со жлебена цевка (пиштол, МК пиштол, револвер и сл.) и долго огнено оружје со жлебена цевка (ловечки карабин, МК пушка) на физичкото лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање ако физичкото лице има наполнето 25 години живот, освен ако лицето не е активен член на стрелачко друштво подолго од две години. Потоа доколку на лицето не му е одземена или ограничена деловната способност; да е здравствено способно да поседува и носи оружје, согласно член 11, (здравствената способност за поседување и носење на оружје, се утврдува со лекарски преглед и се докажува со лекарско уверение), велат од МВР.
Потоа доколку лицето не претставува опасност за јавниот ред, (согласно член 12 се смета дека постои опасност за јавниот ред, ако физичкото лице правосилно е осудено за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност, или ако е осудено за прекршок против јавниот ред и мир со елементи на насилство, како и околности кои укажуваат дека оружјето може да биде злоупотребено, а особено кога лицето е регистрирано во евиденцијата на надлежните органи за често и прекумерно консумирање алкохол или употреба на наркотични дроги и психотропни супстанции, потешко нарушување на односите во семејството, местото на живеење, образовната установа или на работното место, семејно насилство и слично.
Исто така услов е лицето да има оправдана причина за набавување на оружје, а тоа значи – согласно член 13 – лицето да докаже дека постојат оправдани причини за поседување на оружје, особено ако неговата лична безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот се сериозно загрозени. Други оправдани причини се активнот членство на ловечко или стрелачко друштво, собирање колекционерско оружје, донесена правосилна судска одлука за наследување на оружјето, доделена е награда во вид на оружје, за постигнати резултати во официјални натпревари во лов или спортско стрелаштво или доделено оружје од страна на државни органи, меѓународни организации или државни органи на други држави.
Услов е и лицето (барател) да располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје; да има живеалиште на територијата на Република Северна Македонија со важечка лична карта, а доколку е странец да има одобрен постојан престој на територијата на држава со важечка лична карта за странец, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено.
согласно одредбите од член 28 од Законот за оружјето, сопственикот на оружјето – физичко лице е должен оружјето да го одржува во исправна состојба, внимателно со него да ракува и да го чува на начин што ќе оневозможи пристап на неовластени лица. Додека во член 34 е предвидено дека правните субјекти се должни оружјето да го чуваат одвоено од муницијата во просторија што е технички обезбедена или во железен орман или сеф. Оружјето и муницијата се чуваат, по правило, во просториите наменети за чување на оружје или во просториите во кои се наоѓа седиштето на правното лице.
Во информацијата Министерството напоменува дека по 4 јуни оваа година како дата за краен рок за пререгистрацијата на оружјето од стари во нови дозволи, односно по извршената замена на старите дозволи велат дека ќе имаат поконкретни податоци за вкупно регистрираното оружје на територијата на нашата држава, вклучувајќи ги и пиштолите како оружје од Б1 категорија.












