Во Македонската опера и балет ЗЏМ Биг бендот свиреа „Леб и сол“. На целовечерниот концерт публиката имаше можност да ги чуе култните нумери „Скопје“, „Исток -запад (телепатски), „Таласна дужина“, „Деветка“ и уште многу други кои ја вратија во едно друго време.

По обраќањето на Гоце Стефковски, публиката уживаше во секој миг во аранжманите адаптирани за биг бенд изведба, а на членовите на ЗЏМ Биг бенд на сцената им се придружи и Евгенија Чанчалова чија прекрасна изведба никого не остави рамноушен во салата. Во публиката беа и Кокан Димушевски и Бодан Арсовски некогашните членови на „Леб и сол“, бенд чија работа претставува фундаментален и незаменлив дел од македонската музичка историја.
Концертот, на ЗЏМ Биг бенд свири „Леб и сол“ под диригентската палка на Емин Џијан покрај убавото чувство што го предизвика кај сите присутни во публиката која ја исполни салата на Македонската опера и балет до последното место, секако придонесува за развивање на уникатен звук и негување на вистинските музички вредности. Аранжманите на композициите ги направи тимот на ЗЏМ: Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Трајче Велков, Сашко Николовски, Владимир Николов и Кокан Димушевски.

„Леб и сол“ е бенд чија работа претставува фундаментален и незаменлив дел од македонската музичка историја. Овој музички состав е создаден на 01.01.1976 по што следи долгогодишно испишување на една од најимпресивните музички кариери на овие балкански простори и, со сигурност, најдоминантната во македонската музичка историја.

Бендот го претставуваат Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитијан, иако во текот на годините во оваа група членувале и други значителни музички имиња меѓу кои и Димитар Чочоровски-Чочор, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, Миодраг Петковски-Мики, Драгољуб Ѓуричиќ, Кирил Џајковски, Валентино Скендеровски, Димитар Божиков, Срѓан Дункиќ, Гоце Стевковски и Михаил Парушев.












