По вчерашната прес конференција на СДСМ на која беше речено дека по нивната реакција паднала првата оставка, денеска со реакција се огласи портпаролот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Васко Мавровски.
„Почитувани од СДСМ, уште еднаш ви повторуваме, ние не ви одговараме вам, бидејќи е повеќе од очигледно дека вие културата ја разбирате по свое и убедени сте, дека средствата треба да се делат по сопствено наоѓање, по пријателски и други принципи, а не со јавни повици, транспарентно, отчетно и за квалитетни издржани проекти, како што тоа го прави сега општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски.
Ние, така не работиме и имаме обврска единствено пред граѓаните да го реализираме она што пред нив се обврзавме: Битола максимално да го искористи своето супериорно културно богатство и традиција и да стане целата и по простор и време – голема културна сцена. Тоа е еден од факторите, кои ќе придонесат во нејзината препознатливост и како туристичка, но и инвестициска локација.
Граѓаните имаат право, не само да знаат, туку и заслужуваат вистинска културна понуда, каква што и доликува, но и може да даде, само и единствено – Битола!
И на крајот, почитувани граѓани, никако не би сакале да веруваме дека Методија Илиевски заборави дека мојата оставка беше на дневен ред на седница уште во септември, а уште помалку дека не знае дека во рамките на Битфест, нема одобрен ниту еден мој проект или проект поврзан со моето име. Сепак Методија Илиевски е млад човек и амбициозен политичар, кој што лесно би можел, ако продолжи вака и не се извини, да биде изложен на тужба согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“ рече меѓу другото Мавровски.












