Филмовите „Хомо“ на Игор Иванов, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи , како и краткометражниот филм „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ, ќе се натпреваруваат на осмото издание на Филмскиот фестивал „Балканска Панорама” во Измир во Турција.
Овој фестивал на кој во својот советодавен одбор има уметници како Милчо Манчевски, Радо Шербеџија и легендата на турскиот театар Едиз Хун, се фокусира на балканското филмско остварување. Официјалната награда Жолт чадор, ќе биде доделена во 10 категории.
На фестивалот аплицираа филмови од 16 балкански земји. Станува збор за вкупно 614 апликации, 115 странски долгометражни филмови, 349 странски кратки филмови, 21 домашни долгометражни и 129 домашни кратки филмови.

Како резултат на евалуацијата на прелиминарното жири, двата филмови од нашата држава се избрани да се натпреваруваат за наградата „Жолт чадор“ во конкуренција за странски долгометражни филмови и во конкуренција „Дарио Морено“ во рамките на програма на фестивалот. Инаку, тоа е единствената натпреварувачка програма каде турските филмови се натпреваруваат со другите балкански земји. Во интернационална конкуренција за краток филм се натпреварува и филмот „Проблемот на Тина“, во режија на Радован Петровиќ. Во истиот Играат: Душица Настова, Жаклина Стефковска, Јордан Симонов, Тамара Ристоска, Емилија Мицевска-Трајковиќ. Продуцент на филмот е Роберт Насков.

Пријавите за натпреварувачки и неконкурентни програми беа направени онлајн на официјалната веб-страница на фестивалот во периодот од 20 декември до 04 март 2022 година.
Во Измир за првпат ќе бидат прикажани македонските филмови: Врба (Милчо Манчевски), Сведокот (Митко Панов), Дедо и внук (Илија Пиперкоски), Манаки: Приказна во слики (Роберт Јанкулоски).
Фестивалот е во организација на oпштина Буча, поддржан од Министерството за култура и туризам на Турција и општина Измир, а ќе се одржи од 21-27 мaj оваа година.












