ТЕРА

REKLAMA???

МАНАКИЕВИТЕ СПОМЕН-ЅВЕЗДИ СКОПСКИ ЕКСПЕРИМЕНТ НА НЕПОСЛУШНОСТ?

Потклекнаа ли институциите на сјајот на филмаџите или се работи за старото добро ривалство меѓу Скопје и Битола, кога Скопјани им „покажуваат мускули“ на Битолчани. Иако нема никаков документ дали може или неможе да се извадат стари гранитни  плочки, да се постават нови и во нив месингани ѕвезди, иницијаторот на идејата денеска продолжи кон нејзина реализација иако, од медиумите ако не од институциите разбра дека нема документ кој му дава право да го нарушува изгледот ниту интегритетот на Широк Сокак.

Четири дена фестивалот „Браќа Манаки“, Општина Битола и Управата за заштита на културно наследство знаат дека во Битола на Широк Сокак се преземени дејствија кои го менуваат ликот и интегритетот на улицата заштитена со закон. Ниту една од овие институции не презеде активности за исправање на постапките. Напротив. Фестивалот денеска ги доврши своите намери.

За идејата „Патека на славните кинематографери“ се зборуваше денеска и на седницата на Советот. Советниците, од чии гласови зависи уредувањето на животот во градот имат прецизен став. Заклучок од Комисијата за јавни и комунални дејности не се случува првпат, но, сите досегашни баратели ги почитуваат законите на државата.

„Процедурата, во Заклучокот беше наведено дека поставувачот на тие плочки -ѕзвездите треба да ги почитува позитивните законски прописи. Тоа е Заклучок кој е издаден од страна на соодветната комисија, такви заклучоци и во минатото се издавани и истите се соодветно испочитувани.“ – рече утринава пред седницата на Советот Бојан Бојковски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, кој е и претседател на Комисијата за јавни и комунални дејности.

„Ние на Комисијата која беше тука во летото дадовме позитивно мислење, меѓутоа ние сметавме дека организаторот ќе ги запази сите законски процеси, дека ќе се обрати до сите институции и по добивањето на релевантните дозволи тој би пристапил кон поставување на истите плочки односно ѕвезди. Мислам дека доколку тоа не е законски треба се да се врати во првобитна положба.“ – рече Методија Илиевски, советник од СДСМ, координатор на советничката група на партијата.

„Каде се тука граѓаните, каде се советниците, каде е тука Советот на Општина Битола кога ние не знаеме кој копа на Широк Сокак ?!? Можеби утре ќе ме прашате зошто има нови куќи на Магнолија? Нема да можам да Ви одговорам.“ – вели Габриела Илиевска, претседателка на Советот на општина Битола.

„Проблемот е што Советот веќе се прескокнува за вакви работи а единствено легитимна е одлуката на Совет , а не е самото мислење на комисијата за евалуација на градоначалникот“-рече Горан Велевски, советник од Левица.

Благородна идеја со аљкава реализација вели Анастасија Трајковска , советник од ДОМ.

„Законските процедури се надвор и ги водат други институции надвор од Советот. Кога нам би ни биле претставени сите законски можности не верувам дека некој би гласал против тие ѕвезди. Меѓутоа, без согласност од Управата за заштита на културното нсаследство, без согласност од сите институции кои се инволвирани во постапката на реализирање на оваа идеја, сметам дека сето тоа е бесправно направено. Благородна идеја и мене ми е многу жал што имињата на тие лауреати ги ставивме во една незавидна положба заради непочитување на процедурите и редот како што треба чекор по чекор.“

Инаку, од вторникот кога медиумите ја објавија информацијата, ниту Фестивалот, ниту Општината, ниту надлежната инстуција не презедоа активности кои со закон и се наложени. Одговорот од Управата за заштита на културното наследство кај нас дојде вчера. А во одговорот се вели дека никој не пријавил промена на изгледот на Широк Сокак, ѕвезди кои би биле своевидно спомен-обележје и дека ниту Фестивалот ниту Општината не доставиле никакво барање за промена на гранитните плочи.

А се работи на Урбаниот комплекс – 2: „Широк Сокак“ , што е со површина од 33,12 ха. Строго старо градско јадро, споменик на културата уште од 1973 година. Иако реконструиран со црни и бели плочки во 1996 година, Широк Сокак е и споменик и културно наследство од особено значење што значи „културно наследтво од највисоки национални и универзални вредности за човештвото и неговата историја, култура, уметност, наука, или технички прогрес.’ И, на крај како и другите вакви е „добро од јавен интерес за РМ и ужива посебна заштита.“ Ако сакате да ставате фирма на кафулињата – треба да ја прашате и да имате документ од Управата за заштита на културно наследство, ако сакате да ставите железни столбови покрај кафулето фиксирани за работ на Широк Сокак – треба да ја прашате Управата, ако сакате да поставите месингани ѕвезди на среде Сокако –  … треба да ја прашате Управата.

Може и да имате намера да го оспособите  да служи за „задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, верските, економските, туристичките и други потреби на граѓаните“ –  вие мора да имате документ од Управата за заштита на културно наследство кој ви дозволува тоа да го направите.

Засега резултатот од непостапување е дека, во градот се врати еднаш заборавениот впечаток дека Фестивалот „Браќа Манаки“ е „скопски“ и, дека се покажува тотална негрижа за културата во намерата за остварување на желба.

Оттука, што мислите, по прашање на Широк Сокак, фестивалот ќе биде меѓународна промоција или меѓународен срам ?