До крајот на месецот очекувам иницијативата за уставните измени да ја поднесеме до Собрание, вели за Тв Тера вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, прашан за тоа кога Владата ќе ги достави уставните измени до Собранието.

„Владата во овај момент ги разгледува онака како што ги состави Министерството за правда. Има повеќе серија на консултации кои што ги правиме и со граѓанските организации и со медиумите и новинарите, интелектуалците, веќе ќе има дебата во МАНУ, значи на повеќе полиња вршиме консултации и очекувам во наредните денови, односно до крајот на овај месец да ја поднесиме иницијативата до Собранието.
Лидерската средба беше одлична основа за понатамошни разговори. Мислам дека сите видовме дека има поместување од првичните позиции од страна на ВМРО ДПМНЕ и тоа е добро. Веќе не е табу темата за гласање на уставните измени и не треба да се затвора вратата. Слушам дека пораката на Мицкоски беше дека се затвора оваа тема, меѓутоа сметам дека напротив треба да ја отвориме темата бидејќи сега е вистинскиот момент. Ако цела евроспка и светска јавност ни вели дека сега е вистинскиот момент и ние знаеме што се нашите обврски, вистинското место, вистинското време за отворање на дијалогот е сега. Ние наскоро ќе ги доставиме амандманите до Собранието, ќе има можност и таму пратеничката група на опозицијата да учествува во разговорите, да учествува во дискусијата и да даде поддршка. Нема да се откажеме од дијалогот, сметаме дека тоа е најдобро средство и ќе се обратиме до секој пратеник, до секоја политичка партија затоа што сметаме дека сите имаат одговорност. Ова не е работа на еден човек, на една партија и на една Влада, ова е работа на сите и успехот ќе биде заеднички. Затоа повторно апелираме да се вклучи ВМРО ДПМНЕ, не за да кажеме кој променил став, туку за да ја завршиме работата и да ја поделиме одговорноста како што ни е поделена и во Собранието, бидејќи за ова е потребно двотретинско мнозинство и да продолжиме натаму на патот кон ЕУ. Сигурен сум дека граѓаниете ќе ни бидат благодарни доколку ова го завршиме заедно и дека во иднина ќе ги растовариме од натамошни поделби, од натамошни меѓусебни напади и од спуштање на нивото на комуникација. За цела атмосфера во општеството е добро да го продолжиме дијалогот, затоа што мислам дека не ни се толку различни позициите колку што се чини можеби во јавноста“, рече Маричиќ.












