„Документите кои се однесуваат на Македонија, Владата нема право да ги крие од јавноста, туку има уставна и морална обврска да прифати и да учествува во собраниска расправа“ вака преку Фејзбук статус вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој е и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика.
Милошоски во писмото бара пратениците да го добијат протоколот што се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија, како и преговарачката рамка од француското ЕУ-претседателство, во која, како што наведува во писмото, билатералните спорови се утврдени како дел од условите за добивање датум за преговори со ЕУ.
Милошоски истакнува дека по добивањето на овие документи во Собранието уште утре би можело да се закаже седница на Комисијата за надворешна политика, со цел да се отвори собраниска дискусија во однос на Бугарија.
„По доставувањето на овие два битни документи, уште утре би одржале седница на Комисијата за надворешна политика бидејќи задутре, кога се одржува седницата на Советот на ЕУ, може да биде и предоцна. Седницата на Комисијата, поради големиот интерес, предлагам да биде отворена за јавноста, но согласно Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија. Вие имате право да побарате таа да има и затворен карактер. Право е на Бугарија да си одлучи да дискутира за темата Македонија во нивното собрание, но за Владата и за Собранието во Македонија ваквата расправа во претставничкиот дом на граѓаните е уставна и морална обврски, бидејќи се работи за нашата држава“,се вели во писмото на Милошоски.













