Пред две години, започна заедничкиот пат на стручњаците од двете соседни земји, кои за прв пат се среќаваат на вака високо институционално ниво,рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која што заедно со амбасадорката на Грција во Македонија,Софија Филипиду извршија увид на конзерваторските работи што се вршат на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.

„Во изминатиов период, колегите од Завод и Музеј-Битола и од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, по потпишаниот Меморандум, ги здружија професионалноста, техничките можности, знаењето, искуството, резултатите од претходните истражувања, и современите методи, и посветено се вложија во проектот на кој со децении се чекаше.И стручната и пошироката јавност со право чекаше и бараше итна заштита на исклучително вредното културно наследство, на цркавата „Св.Ѓорги“ во Курбиново, чии фрески се редок пример на византиското ѕидно сликарство.Заедничката работа помеѓу колегите од Солун и од Битола, ни донесе високо стручна конзервација на фрескоживописот од 12 век, на оригиналните фрески меѓу кои е и фреската на Архангел Гаврил, познатиот Ангел од Курбиново.Сведочиме на резултати кои со децении ги посакувавме, а кои ги добиваме токму сега, работејќи посветено , со грижа и поддршка што засилено ги вложуваме во заштитата на Курбиново во последниве 5 години.Со стручност и план, со предвидената динамика Курбиново конечно добива долгорочна заштита, а заедничкото византиско културно богатство, достојна грижа и афирмација.Овде сме заедно со колегите и пријателите од Република Грција, со почитуваната амбасадорка Софиа Филипиду, Генералниот конзул на Грција во Битола, Александрос Видурис, директорката од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, д-р Флора Карајани, директорката на НУ „Завод и музеј“ – Битола д-р Мери Стојанова, како и со претставници од двата тима на наведените партнерски институции.Би сакала да истакнам дека конзервацијата на ѕидното сликарство на еден од највредните споменици на културата од византискиот период даде свој придонес и за унапредување на културната соработка и билатералните односи на двете земји, размена на искуства и поврзување на стручната јавност. Оваа соработка е модел за идни соработки во сферата на заштитата и во афирмацијата на заедничките културни добра“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Проектот за заштита на црквата, фреските и комплетното културно наследство го вршат Завод и Музеј-Битола и реномираниот Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.
„Проектот ќе продолжи за што ќе придонесат група конзерватори од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун предводен од д-р Флора Карајани, со поддршка на грчкото Министерство за култура, но и со други конзерватори од Грција“, изјави амбасадорката Филипиду.

„Нашиот институт започна со реализацијата еден детален проект за истражување со сите детали на толку важен споменик. Беше набавена најсовремена скапа опрема за сите анализи што ги направивме, се доби одобрение за работа. Се надеваме дека до крајот на годината ќе се заврши. Работат врвни експерти од двете страни на границата и тоа доведува до одлична соработка и краен резултат за овој толку важен споменик“, рече Флора Карајани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.

Директорката на Завод и музеј-Битола соопшти дека до крајот на годината ќе заврши конзервацијата на црквата во Курбиново.
„Во изминатиот месец се работеше на опшивање и инјектирање на живописот. Сега ќе се направи мала пауза за да се завршат активностите за конзервацијата на архитектурата и ќе се продолжи со работа веројатно во втората половина на јули со конзервација на ѕидното сликарство.Активностите е планирано да завршат до крајот на годината, па ќе имаме еден завршен и комплетиран споменик од конзерваторски аспект по однос на архитектура и ѕидно сликарство“, рече Мери Стојанова, директор на Завод и Музеј-Битола.

За време на конзервацијата, стручните лица користеле современи технологии и техники на истражување за да се добијат прецизни графички цртежи на ѕидното сликарство.












