Документарниот филм за Бигорски манастир „1000 години – Сведок на Светлината“, во режија Илија Ико Каров, освои награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, кој оваа година се одржа во градот Аспарн, Австрија, информираа од Бигорскиот манастир. Најголемата заслуга за ова признание е кон македонскиот композитор Горан Трајковски.
„Овој композитор се има потпишано на особено префинета филмска и театарска музика во светот, промовирајќи ја на тој начин македонската продукција“, рече Каров во своето обраќање откако ја прими наградата во Асперн.

Интернационалниот филмски фестивал „History“ се одржал во замокот Шлус Аспарн – Заја, во една топла, спонтана и креативна атмосфера. Поради обемноста на фестивалот, истовремено на три локации низ замокот се проектирале филмови, селектирани според соодветната историска епоха.
„Навистина уникатно чувство, кое беше збогатено и со присуството на членови од „средновековната група Скомраси“. Всушност, станува збор за ансамбл, кој преку разни настани и интеракциски пристапи ја негува средновековната средноевропска култура во нејзиното најавтентично издание“, истакна Каров.
Пред проекцијата на филмот, како претставник од бигорската монашка заедница, со благослов на епископ Антаниски г. Партениј, пред присутните се обрати сестра Ефимија од манастирот во Рајчица. Каров пишува дека ова е првиот македонски филм, кој не извезува очај и беда од југот на Европа; напротив, 1000 години Сведок на Светлината, го отсликува македонскиот феникс синдром во милениумски континуитет.

За „1000 години-Сведок на Светлината“ зборуваше и директорот на фестивалот, Роман Шет. Во својата изјава тој потенцирал дека „ филмот има прекрасна атмосфера. Јасно се насетува желбата на авторот да го портретира животот на илјадагодишниот манастир и природата што го опкружува во најавтентичен контекст. Музиката е фантастична и го засилува доживувањето додека го гледате филмот“.

Посебен осврт за филмот имаше и членот на жири комисијата на филмскиот фестивал, Ерик Кохл бауер, оценувајќи дека „е токму она синеастично документарно искуство какво што очекуваме да гледаме на нашиот фестивал“.












