Во тек се усписите за запишување на учениците во прво одделение во учебната 2023/2024 година. Уписот е преку порталот uslugi.gov.mk каде што родителите/ старателите треба да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, се одредува термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето. Во ОУ „Св.Климент Охридски“ во Битола на 1 септември за прв пат во школските клупи треба да седнат 121 прваче.

„На списокот што го добивме од МВР имаме 121 прваче. Запишуваме првачиња кои што се во овај реон. Документите кои што се потребни за упис на првачиња беа навремено истакнати на влезната врата на училиштето како и на нашата веб страна. Тоа се извод од матична книга на родени, потврда за примени вакцини, потврда за направен офталмолошки и стоматолошки преглед. Офталмолошкиот преглед можат да го донесат и од приватен очен доктор. Законски уписниот рок на првачињата трае до крајот на месецот, меѓутоа доколку родителот ги нема набавено сите потребни документи ние сме тука преку цело лето и запишуваме првачиња до 31 август. Запишуваме првачиња и од други реони доколку некој ја сменал адресата на живеење“, рече Анета Николовска, педагог од ОУ „СВ.Климент Охридски“ од Битола.
По исклучок, детето може да се запише во прво одделение доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот, односно старателот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето. Родителот, односно старателот, има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува.

„Минатата година беа запишани 124 првачиња, годинава имаме 121, и мислам декаа бројката ќе биде отприлика до 30 првачиња за оваа учебна година, бидејќи уште на почетокот од уписот имаме ученици запишано од други реони. Родителите можат да ги запишат децата и со физичко присуство, електронски можат да ги постават само документите и потоа мора да бидат истестирани од педагогот или од психологот“, рече Николовска.
Основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување или доколку ученикот од другиот реон или општина нема можност за следење на наставата на својот мајчин јазик во својот реон односно општина.












