ТЕРА

REKLAMA???

НАЈСТАРОТО ВОЗИЛО ВО БИТОЛА Е ОД 1967, А НАЈНОВОТО ОД 2022

Во Македонија недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години. За последните три години, противпожарниот возен парк се „подмладил“ само за една година, стои во анализата на Центарот за граѓански комуникации.

34-те противпожарни единици во земјава вкупно имаат 284 возила, од најразличен вид – оние што гаснат пожар, цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.

Последното вакво истражување на Центарот за граѓански комуникации од 2020 година покажа дека тогаш во земјава имаше 241 возило, просечно старо 28 години. Ова значи дека во последните три години, зголемен е бројот на противпожарни возила, но староста е намалена само за една година. Сега има 284 возила, просечно стари 27 години. 

Во последните три години се расходувани 22 стари возила, а се набавени дополнителни 65 возила, но со просечна старост од 17 години. Поради тоа, просечната старост на сите противпожарни возила во земјава изнесува 27 години. Сепак, од 2020 година наваму, купени се или добиени се како донација дури 29 нови возила. 

Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години имаат четири противпожарни единици. Неславното прво место го зазема новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане која има две возила, просечно стари 39 години. Следна, со просечно стари возила од 38 години е противпожарната едница во Кратово. 36 години просечна старост имаа возилата на валандовската противпожарна едница, а возилата на Крива Паланка се просечно стари 35 години.

Спротивно, најнов возен парк во земјава имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години. Следните две единици, чии возила се просечно стари по 21 година се Берово и Демир Хисар, по кој следува Прилеп со просечна старост на возилата од 22 години.  

Во Битола најстарото возило е од 1967 година, а најновото од 2022 година.

Најстаро противпожарно возило во земјава има Валандово – камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години. По ТАМ-от на Валандово следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар.

Точно половина од вкупно 284-те противпожарни возила се постари од 30 години, додека само 15 % од возилата се стари до 10 години. 

Недостигаат 340 пожарникари, најмногу – во најголемите градови.

Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје.  Следни според бројот на пожарникари што им недостигаат се, исто така, најголемите центри и тоа: Куманово – каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку од законскиот минимум и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.  

Спротивно, меѓу општините кои имаат повеќе од законскиот минимум, најдобро стои Ресен со дури 6 пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.