По систематизација Aпелациониот суд во Битола треба да работи со 25 судии на повеќе материи, но во моментот функционира само со 11 судии, вели претседателот на Апелациониот суд во Битола Петре Србиновски, кој е и долгогодишен судија на Основниот и Апелациониот суд. Причините за ваквата состојба вели се повеќе, а една од нив е големиот број на пензионирања. Апелациониот суд во Битола е второстепен суд кој според Законот за парничната постаапка и Законот за судовите ги решава предметите коишто доаѓаат по жалба.

„Во Апелациониот суд во Битола на почеток кога се формира како Апелационен бидејќи претходно беше како Окружен суд по систематизација имаше вкупно 25 судии кои што работеа на повеќе материи како граѓанско, кривично и предметите од работните односи бидејќи имавме специјализиран Совет. Кога реков 25 судии во таа бројка беше и претседателот на судот и моменталната состојба во Апелациониот суд во Битола во поглед на кадровска состојба во судии заедно со мене како претседател сме само 11 судии. Разликата од 25 до 11 судии е огромна и тоа претставува голема потешкотиа во работењето на судот. Се обидуваме како и во сите судови во државата преку Судскиот совет да обезбедиме пополнување на судиските места, меѓутоа сеуште до тоа не можеме да наидеме на разбирање, не дека не сакаат да изберат судии, меѓутоа причината во најголем дел е во тоа што нема доволен број на кандидати, на основни судии кои што можат да бидат и да се пријават за судии во изборот, но и поради големиот број на пензионирања,“ изјави Петре Србиновски, претседател на Апелационен суд-Битола.

Во Апелациониот вкупниот број на вработени е околу 60-тина лица, а недостиг има и од судски службеници и стручни соработници.
Од почетокот на годината до денес Апелациониот суд примил вкупно 1033 кривични предмети и 2247 граѓански. Од нив решиле 927 кривични предмети и 1704 од граѓанските предмети.
„Можеби граѓаните имаат некакви забелешки дека се одолговлекува рокот, во сите судови е така. Но сметаме дека е објективна пречка, а не за субјективнa,“вели претседателот на Апелациониот суд Србиновски.

И во Основниот суд во Битола велат дека бројот на предмети се зголемува, а се намалува бројот на судии. Лани овој суд со 17 судии примил 35 280 предмети
„По одлука на Судски совет треба да бидат 25 судии, а во моментот има 17 судии, од кои двајца се делегирани во судовите во Прилеп и Крушево. Во наредните месеци 4 судии ќе заминат во пензија. Нема голем застој на предмети, затоа што судиите годишно исполнуваат по три годишни норми“, велат од Основен суд Битола.
Инаку и во Апелациониот и во Основниот суд во Битола денеска имаше отворен ден за граѓаните по повод Европскиот ден на граѓанска правда.












