Штрајкот продолжува и наредните денови, затоа што немаме конкретно ветување дека платите ќе бидат зголемени, изјави денеска претседателот на СОНК Јоаким Неделков по новата рунда преговори во Министерството за образование.
Тој во изјава за медиумите посочи дека на средбата со министерот за образование Јетон Шаќири се разговарало повеќе за продолжување на наставата и како ќе се надополнат часовите како и за тоа кои се последиците од штрајкот.
„Очекуваме од министерството овие денови да излезат со конкретен предлог и некаков допис кој на писмено ќе го имаме од нив како гаранција за тоа што се договараме. Дали веднаш ќе можеме да го ставиме штрајкот во мирување или не ќе зависи од тоа што министерството за образование и наука односно Владата ќе излезе со предлог,“ изјави Неделков.
Тој додаде дека на иста линија се со министерот дека преговорите мора да се интензивираат за што побрзо да се најде взаемно решение со кое децата ќе се вратат во училишните клупи.












