Одговорност за криминалот во РЕК Битола ќе има и добро е што обвинителството смогна сили да влезе во еден ваков случај. Јас очекувам да продолжат. Во РЕК Битола мислам дека кај и да фатат има криминал, не затоа што јас во опозиција многу зборував на темата, туку затоа што се работи за факти, изјави во емисијата „Само интервју’’ на Канал 5 телевизија, министерот за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој посочи дека поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, кој е во бегство нема каде да оди ќе биде испорачан на правдата и дека тој и сите останати ќе одговараат поради криминалот кој што се случувал во изминатиов седум годишен период.
Николоски додаде дека поради криминалот во РЕК Битола и во целиот енергетски сектор имаше огромно покачување на цената на струјата.
„Видете само колку порасна цената на електричната енергија, производствена и се ќе ви стане јасно. И видете како ЕЛЕМ од компанија која што остваруваше профит во времето на Христијан Мицкоски како директор на ЕЛЕМ стана компанија загубар. Последен којшто купуваше механизација е сегашниот премиер кога беше директор на ЕЛЕМ и тоа е една од причините зошто тогаш ЕЛЕМ успешно функционираше, но тие прашања мора да се затворат затоа што цената на електричната енергија влијае на целото стопанство, не влијае само на домаќинствата’’, рече Николоски.
Николоски посочи на три многу важни проблеми кои што се имаат случено во РЕК Битола.
„Прво беше компанијата која што ги набави адитивите, второ беше квалитетот на адитивите и затоа 95% воопшто не се употребија, а се платија. И трето тие 5% што се употребија, уништија дел од производствените постројки и во Осломеј и во Битола’’, истакна Николоски.












