Преку референдум граѓаните да се изјаснат дали се за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија- во оваа насока ќе биде референдумското прашање за кое вечерва одлука ќе носи највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на состанок на Извршниот комитет. За референдумот и уставните измени зборуваше потпретседателот на партијата Александар Николски при последната посета на Битола.
„Знаете дека инициравме идеја за референдум за клучното прашање во моментов за Македонија, а тоа е уцената која што ја имаме од Бугарија во однос на европските интеграции. За тоа консултациите се при крај и како што најавивме во следниов период ќе излеземе со конкретен став и и конкретна методологија по ова прашање затоа што гледаме дека од страна на владата воопшто не се повлекуваат, напротив има еден интензират на спроведување на обврските кои се преземени.
Така што откако Македонија фиктивно почна преговори со ЕУ, во суштина не ги почна. Ние не зборуваме за развој на инфраструктура, ниту за развој на железници и изградба на автопатска мрежа, туку зборуваме за среден век, за Цар Самоил, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум, што е најдобар доказ дека она што зборувавме месеци наназад се остварува, а тоа е дека целта на ова што го прави Бугарија е бришење на македонската историја, македонската култура и идентитет, самобитноста на македонскиот народ и самобитноста на македонскиот јазик, односно да се претстави како дијалект на бугарскиот јазик“, рече Николоски.












