ТЕРА

REKLAMA???

НОВА ГРАДИНКА ЗА 80 ДЕЦА

Дел од Домот за доенчиња и мали деца во Битола ќе се адаптира во детска градинка во која ќе бидат згрижени 80 деца. Денеска договорите ги потпишаа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на Битола Тони Коњановски. Градинката ќе функционира во рамки на ЈОУДГ „Мајски цвет“ во Битола.

„Заедно со општината ќе делуваме во рамките на стратешките определби преку поддршка на активности од јавен интерес за унапредување, промоција и поддршка на политиките за развој на детската заштита. Целта е да придонесеме кон зголемување на опфатот на деца во детските градинки . Како министерство се залагаме за што поголема соработка со општините и унапредувањето на животот на граѓаните да доаѓа токму преку заложбите на локалните самоуправи“, рече министерката Тренчевска.

Предвидените активности се согласно програмата на владата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2022 година објавени во службен весник и програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Битола за 2022 година објавена во службен гласник на општината.

„Преку овие два договори, практично, ќе обезбедиме подобра иднина за нашите сограѓани, овозможувајќи им згрижување на нивните деца во објект наменет за детска градинка. Општина Битола ќе финансира 30% од предвидената сума за градежните работи и адаптацијата на објектот, односно околу 4 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени од Буџетот и планирани во Годишниот план за јавни набавки, а исто така, општината обезбеди средства за изработка на Проектот за адаптација. Општина Битола со години има долга листа на чекање на деца за прием во детските градинки. Како локална самоуправа, максимално се залагаме да се изнајдат законски решенија, со кои ќе биде надминат овој горлив проблем за родителите, особено за оние кои одат на работа и немаат каде да ги остават своите најмили. Потпишувањето на денешните договори е токму во таа насока, да се обезбеди капацитет од нови 80 места за деца од претшколска возраст “, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Со цел да се зголеми опфатот на згрижување на деца во градинките, министерката Тренчевска упати повик до општините да достават проекти за изградба, доградба и адаптација на простори со цел нивно наменување во детски градинки, а градоначалникот на Битола Коњановски рече дека тие како локална самоуправа се залагаат да се изнајдат законски решенија со кој ќе биде надминат проблемот со листите на чекање за згрижување на деца.

Тренчевска и Коњановски разговарале и за преостанатите две градинки кои се започнати во Битола, а треба да се завршат со поддршка на министерството за труд и социјалана политика.

Градежните работи  за адаптација на дел од објектот на Домот за доенчиња во детска градинка треба да завршат најдоцна за 10 месеци.