Најстарата противпожарна единица на Балканот, битолската, одбележа 186 години постоење. Денеска по повод Денот на пожарникарството 20 мај, градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претставници на Советот на Општина Битола положија цвеќе пред спомен плочата кај ТППЕ Битола.

Градоначалникот Коњановски честитајќи им го денот на битолските пожарникари посочи дека за брзо време ќе започне изградбата на новиот објект на противпожарната единица, бидејќи како што рече, пожарникарите заслужуваат подобри услови за работа. Впрочем изградбата на нова противпожарна единица беше и негово предизборно ветување.

„Сакам да го честитам 20 мај – Денот на пожарникарите на Македонија, на овие храбри момци да им изразам искрени честитки. Денес, се одбележуваат 186 години постоење на противпожарната единица, од формирањето во 1836 година. Тоа е датум кој треба навистина достојно да се одбележи. Им честитам на храброста и на залагањата. Тие секогаш мора да бидат подготвени за секакви ситуации кои може да се појават. Сакам да ја искажам подготвеноста на локалната самоуправа, на Општина Битола, да продолжи многу поактивно во помагање на противпожарната заштита во Битола, со тоа што пред распишување сме на тендерска постапка за изработка на проектна документација за изградба на противпожарната станица, која ќе биде лоцирана во АРМ, а исто така деновиве очекуваме донација од 3 специјални возила од Република Франција, за што предвидена е и обука на пожарникарите, а од друга страна, преку Пелагонискиот регион и комплетна опрема за противпожарната единица, така што во периодот кој следи, се надевам многу брзо ќе ја видиме и изградбата на новата противпожарна единица, зошто овие луѓе навистина заслужуваат подобри услови за работа“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Заменик командирот на противпожарната територијална единица во Битола Горан Димкоски рече дека располагаат со доволен број на пожарникари и противпожарни возила за нивно безбедно и брзо делување. Моментално бригадата брои 41 пожарникар, а со донацијата која треба да пристигне од Франција вкупниот број на противпожарни возила ќе биде 11.

На 20 мај во 1836 година во Битола бил формиран првиот противпожарен одред на Балканот и меѓу првите во Европа.












