ТЕРА

REKLAMA???

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА 4-ТИ НОЕМВРИ-ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

Со приемот на претставници од општинската организација на Сојузот на борци Битола во кабинетот на градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, започнаа денешните активности по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Битола.

Битолскиот дувачки оркестар го започна церемонијалниот дел со изведби на маршеви низ Широк Сокак, по што со делегациите се упатија пред споменикот кај Центарот за култура, каде беше изведена македонската химна.

Градоначалникот на општина Битола во име на општината положи свежо цвеќе, по што пристапија претставниците на Советот на општина Битола, претставници на општинската организација на Сојуз на борци, делегации на збратимените градови од Бурса – Турција, Плевен – Бугарија, Херцег Нови – Црна Гора и Стари Град Белград – Србија, како и претставници на политичките партии и други граѓани.

Делегациите положија цвеќе и пред споменикот на народниот херој Стив Наумов, како и на партизанските гробишта во Битола.

По свечената церемонија на полагање свежо цвеќе, претставниците на делегациите на Плевен, Стари Град – Белград и Херцег Нови, остварија средба со градоначалникот Тони Коњановски во неговиот кабинет, како и со претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска.

На средбата, сите изразија задоволство што годинава, во голем број успеаја заеднички да се сретнат, да разменат мислења и искуства, кои се драгоцени особено после периодот на пандемија од Ковид-19. Дел од нив, кои за прв пат се во Битола, истакнаа дека се воодушевени од градот, неговата архитектура, култура и историја, а оние кои веќе биле, среќни се што повторно имаат можност да ја видат Битола и нејзините убавини и да бидат дел од чествувањата по повод празникот 4 Ноември.

Вечерва, делегациите ќе бидат дел од свечената програма по повод доделувањето на наградите „4 Ноември“.

4 Нoември 1944 година е ослободувањето на Битола од фашистичката окупација.

Утрото на 4-ти ноември 1944 година, единиците од 49. дивизија на НОВ и ПО на Македонија, победоносно влегле во Битола каде биле со воодушевување пречекани од граѓаните.

Со почеток во 10.00 часот, во салата на општина Битола започна крводарителска акција, во организација на општинската организација на Црвен крст Битола, на која вработените во општината и други граѓани се вклучија во активноста и даруваа крв.

Градоначалникот на општина Битола ги посети крводарителите и беше информиран од страна на претставниците на ОО на Црвен крст Битола и од вработените во Одделението за трансфузиологија во Клиничката болница, за самата активност и за бројот на крводарители. Тој ја поздрави хуманоста на граѓаните кои денес даруваа крв, со цел во иднина да спасат нечиј човечки живот.

Крводарителската акција е дел од настаните кои се реализираат во рамките на Програмата за одбележување на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.