Во одлично издание и со водство во текот на сите шеесет минути, Еурофарм Пелистер 2 ја почна новата сезона. Во Битола падна Тиквеш со 28-23 (17-11), со одлично деби на новајлиите Печурица и Ивановски. По почетните 3-3, битолчани реагираа и со голови на крилата и Арсеновски дојде до 10-5. Кавадарчани не се созедоа и на одмор заминаа со -6.
Второто полувреме почна со серија на грешки и добри одбрани на двата црногорски голмани. Брауновиќ и Симиќ го предводеа Тиквеш до -2 на пет минути до крајот. Гостите имаа и напад за драма, но битолчани го одбија тој обид и преку Кукуловски и Белистојановски го зададоа завршниот удар.
Во битолската екипа се истакнаа Ивановски со осум и Белистојановски и Арсеновски со по пет гола, а кај гостите најефикасен беше Симиќ со седум погодоци.












