ТЕРА

REKLAMA???

ПОДАРОЦИ ОД ОПШТИНА БИТОЛА ЗА ЛУКА ДАМЧЕВСКИ

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес оствари средба со Лука Дамчевски и со дел од учесниците во традиционалната манифестација фаќање на светиот крст, која се одржа вчера во Храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола, по повод Водици. Лука Дамчевски кој имаше среќа да го извади крстот од осветените води на црковниот базен, од градоначалникот доби парична награда од 15.000 денари и икона од заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“.

„Му посакувам на Лука успех во училиштето Таки Даскало, каде што се школува, лична среќа, среќа во семејството, здравје пред се, успеси понатаму во животот. Разговаравме за неговите ангажмани и натамошното продолжување на школувањето. Во име на општина Битола доделуваме скромен подарок, тоа е иконата на нашиот заштитник, битолскиот светец „Св. Нектариј Битолски“ и финансиска поддршка од 15.000 денари. Воедно на сите граѓани на општина Битола им го честитам големиот православен празник Богојавление – Водици, со желба за лично здравје, да ни донесе повеќе бериќет, среќа, љубов, почит меѓусебна и во мир и благосостојба да ја поминеме годинава која е пред нас“, посочи на средбата градоначалникот Коњановски.

Дамчевски истакна дека вчера за прв пат учествувал во церемонијата на фаќањето на Светиот крст и е особено е радосен што токму тој е најсреќен оваа година, кога имаше и рекорден број пријавени учесници на манифестацијата.

„Мотивацијата ми беше да пробам, да видам какво е чувството за здравје. Го почувствував крстот со ногата, не беше тешко, но беше тешко да се извади поради гужвата, бидејќи имаше многу луѓе внатре, во водата. Посакувам среќа кај сите, а за следната година не знам, со Господ напред, па ќе видиме дали пак ќе учествувам“, рече младиот Дамчевски.

Честитки до Лука за добро здравје и успешна година упатија и голем број на верници, сограѓани.