ТЕРА

REKLAMA???

ПОЖАР ВО ВИСОКОКАТНИЦА ВО БИТОЛА, ЕДНО ЛИЦЕ ГО ЗАГУБИ ЖИВОТОТ

Возрасно лице го загуби животот во пожар што се случи утрово околу 4 часот во неговиот стан на 12 кат кој се наоѓа во висококатница во близина на Црквата „Света Богородица“ во Битола.

Пожарот  во ТППЕ бил пријавен во 4 часот и 46 минути, по што веднаш на терен излегле со две против пожарни возила и 8 пожарникари.

„Кога пристигна екипата, кога видоа за каков пожар се работи веднаш е побарана помош од колегите, се активиравме и пожарот го гасевме со 5 противпожарни возила и 33 пожарникари. Ова е исклучиво тежок пожар . Се наоѓаше на 12 кат, на горниот дел немаше отвор, каде да излегува чадот, имаше висока температура, не можевме да влезиме. Кога стигнавме на лице место повеќето станари беа слезени, но тие што не можеа да слезат ги задржавме горе зашто имаше голема концентрација. Го повлековме чадот со вентилатори, па почнавме еден по еден без паника да ги извадиме од 11 и 12 кат што не можеа да слезат. Во пожарот има и жртва,“рече Горан Димовски, заменик командир на ТППЕ-Битола.

Станарите раскажаа што преживеале.

„Се будевме еден со друг да не биде поголема катастрофа. Имаше многу чад. Пожарната дојде веднаш, спроведуваа црева, бидејќи е на високо. Не би обвинил никој, но е лошо затоа што кај нас не функционира хидрантната мрежа“, рекоа станарите.

Превентивно во зградата имаше повеќечасовен прекин на снабдувањето со електрична енергија.

Од полиција информираа дека во 04.46 часот во СВР Битола било пријавено дека настанал пожар во стан бул.„1-ви Мај“ во Битола. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Битола. Притоа, со повреди се здобило и починало 93 годишно лице од Битола, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле екипа од СВР Битола и јавен обвинител по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.