ТЕРА

REKLAMA???

ПОМИНА ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ШТЕТИТЕ ОД ЛАНСКИТЕ ПОПЛАВИ, СЕГА ЌЕ ОДИ ВО ВЛАДАТА

Утрово се одржа вонредната седница на Советот на Општина Битола на која на дневниот ред имаше само една точка, а тоа е заклучок за усвојување на извештајот од Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди кои се случија на 5 и 6 јули ланската година.

Го прашавме Бојкоски зошто по речиси една година се усвојува овој извештај.

„Бидејќи комисијата за проценка на штети, имаше дел на штети кои се на земјоделски површини и требаше да биде утврдена просечната цена која што е направена во текот на годината. Како што ни беше објаснето од страна на Комисијата за утврдување на штети дел од штетите биле и на садници, односно за тутун, а знаеме дека тутунот се откупува дури во месец јануари и поради тоа таа просечна цена требаше да биде земена“ вели советникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.

Другата причина вели Бојкоски беше изборниот процес и стопирањето на одредени активности. Тој вели дека согласно законските рокови 360 дена е рокот да се испрати извештајот во Владата.

За кусо време ова е втора вонредна седнициа, оттука и прашањето за Корлевски дали станува пракса.

„Па видете, во моменти кога немате нешто да прикажете пред граѓаните, ќе покажете загриженост. Тоа мене така ми изгледа, бидејќи денеска само ќе гласаме извештај за минатата година за штетите од елементарните непогоди и тоа е тоа“ вели советникот од СДСМ, Борче Корлевски.

А што е со пријавените штети од земјотресот кој ја погоди Битола во јануари 2022 година.

„Согласно законските рокови истите се препратени до Владата, меѓутоа до ден денес Владата се уште нема одлучено по однос на тие штети“ вели Бојкоски.

-Сега е ваша Владата , ќе барате одговор?

„Апсолутно дека ќе се пушти ургенција, допис до Владата, односно до комисијата која што ги утврдува штетите што е формирана од Владата, со цел да биде забрзан тој процес и граѓаните благовремено да бидат обештетени“ вели Бојкоски.

Тие штети пак неговиот политички противник, односно извештаите за штетите ги поврзува со изборите.

„Извештајот за штетите од земјотресот го чекавме цела година, само извештајот да го изработат. И на крајот последниот ден го поднесоа, за повторно пак да ги фатат изборите. Сега пак се прави во последен ден. Ја менуваа комисијата дека била нестручна на самиот почеток на првиот ден од мандатот во 2021 година со некои нови личности, па ја дополнуваа, ја изменуваа, па видоа дека ќе имаат проблеми, оти не се тие само за елементарни непогоди од типот на поплави, значи има и земјотреси и други работи што се случуваат. Значи на крај е исплатата на финансиските средства. Дали ги имате? Ние ќе го изгласаме извештајот меѓутоа тие не постојат, ниту во буџетот беа предвидени, ниту пак сега со ребалансот“ вели Корлевски.

На изјавата на Бојкоски дека штетите ги исплаќа владата, Корлевски вели дека во тој случај ќе имате вишок на средства и ќе треба нов ребаланс на буџетот. На тоа дека извешатјот за штетите од земјотресот општината го испратила до претходната Влада, но дека таму заглавил, Корлевски вели.

„Добро, ете се комплетни, целосна Влада, ќе видиме. Значи видете, тргнувањето на одговорноста секогаш некој друг е виновен само не ние, кажува дека не работите во интерес на граѓаните, едноставно само наоѓате изговор зошто да не ја завршите работата кон своите сограѓани“ вели советникот од СДСМ.

На денешната вонтредна седница присутни беа само 22 членови на Советот од вкупно 31 колку што ги има.

За оправданоста на причините за свикувањето на оваа седница, едногласи беа присустните советници. Го усвоија дневниот ред, на отворената расправата никој од советниците не побара збор, па се премина на гласање.

Извештајот доби зелено светло од Советот на Општина Битола.

Денешната седница траеше околу 3 до 4 минути.