По повод 4-ти Ноември, Денот на ослободувањето на градот Битола министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска положи свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОАВМ во с. Лавци.

„По 79 -ти пат нашата Битола празнува. Ја празнува тешко издвојуваната и скапо платената слобода. И затоа 4-ти Ноември не е само ден со кој се гордееме, не е само ден за празнување. Ова е ден кој повикува на наша будност на нашиот разум, да ја чуваме и негуваме слободата и колку и да се големи предизвиците во мирни времиња.
И настаните во светот опоменуваат и потсетуваат колку е кревок мирот, кога се губи предвид немерливата вредност на слободата.

Битола, битолско, е родниот крај на голем број народни херои, на храбри партизани, достојни за нашата почит, борци за слобода.
270 борци во последниот јуриш ги дадоа своите животи за слободна Битола. Тоа не смее да го заборави ниту една генерација.
Како министерка за култура и како внука на носител на Партизанска споменица, горда сум што оваа Влада не ги заборави и со почит ги ревитализира паметниците кои сведочат за македонскиот отпор.

Еден од нив е и во херојско Лавци – Споменикот на паднатите борци. Антифашизмот во Битола и во Битолско е вечен порив и повик. Зашто: „Народ задоен со борбата за слобода никогаш не умира!” – истакна министерката Костадиновска – Стојчевска.
Во борбата за ослободување на Битола директно учествувал и дедото на министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска, Пецо Гудовски, носител на Партизанска споменица 1941 година.












