Во Белград, на Плоштадот на Републиката се одржа голем изборен митинг и завршна предизборна конвенција на проевропската коалиција „Србија против насилството“ која заврши со протестно шетање до Републичката изборна комисија (РИК), јави дописникот на МИА од Белград.
Кандидатот за градоначалник на Белград од листата „Србија против насилството“, Владимир Обрадовиќ, вечерва изјави дека „промените веќе почнаа-промени на подобро“ и дека во недела Српската напредна партија (СНС) по 10 години ќе ја напушти власта во Белград.
Првиот на листата „Србија против насилство“, Радомир Лазовиќ, кажа дека од митингот ќе бидат испратени две важни пораки.
Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ изјави дека за неговата кандидатура за премиер по неделните вонредни избори може сериозно да се разговара само по објавувањето на изборните резултати, но дека во најдобар интерес на Србија ќе биде тој да биде на чело на Владата.
Завршувањето на предизборната кампања во Србија неделава беше одбележано со пораката на српскиот претседател Александар Вучиќ дека доколку загуби владејачката Српска напредна партија (СНС), за која тој отворено лобира од самиот почеток, тој ќе се повлече од местото шеф на државата затоа што не сака да ја дели власта со опозицијата.
В недела, на 17 декември во Србија ќе се одржат вонредни парламентарни, покраински, локални и избори за градот Белград.
На републичките избори гласачите ќе можат да избираат од 18 листи со вкупно 2.817 предложени кандидати за 250 пратенички места.
Утврдени се 13 изборни листи за покраински избори, 14 за избори за градско собрание на Белград, а локални избори ќе се организираат во вкупно 65 градови и општини
Според аналитичарите, најнеизвесна борба ќе се води за власта во градот Белград, каде СНС, ќе мора да коалицира со СПС на Дачиќ, со што би имале можност за освојување на градска власт, од што ќе зависи и коалицирањето на парламентарно ниво.
На изборите учествуваат и трите малцински македонски партии во Србија, Демократската партија на Mакедонците (ДПМ), Странката на Македонците во Србија (СМС) и Македонската странка во Србија (МАКСС).












