Денеска и утре на сите високообразовни институции кои што функционираат во рамки на битолскиот универзитет започна пријавувањето на кандидатите за прв цуклус студии. Според конкурсот за новата академска 2022/2023 година ќе може да се запишат 2625 бруцоши, од нив 1385 редовни студенти во државна квота, 791 студент со партиципација во студирањето и 449 вонредни студенти.
Најмногу слободни места за упис годинава нуди Техничкиот факултет 390, од кои 300 во државна квота, 35 со партиципација и 55 вонредни студенти.
Потоа следува Правниот факултет во Кичево со објавени 365 слободни места. Од нив 175 во државна квота, 140 со партиципација и 50 вонредни студенти.
На Факултетот за безбедност во Скопје може да се запишат вкупно 350 студенти, од нив 90 во државна квота, 200 со партиципација во студирањето и 60 вонредни студенти.
На Факултетот за туризам и угостителство годинава ќе можат да се запишат 347 студенти, 170 во државна квота, 111 со плаќање на партиципација и 66 вонредни студенти.
За новата академска година Факултетот за информатички и комуникациски технологии има предвидено 255 слободни места, 165 во државна квота, 60 со партиципација и 30 вонредни студенти.
Економскиот факултет во Прилеп располага со 248 слободни места, од нив 200 во државна квота, 30 со партиципација и 18 вонредни студенти.
По 215 бруцоши годинава планираат да запишат и Високата медицинска школа и Педагошкиот факултет во Битола. На Високата медицинска школа бројот на студенти во државна квота е 65, 80 со партиципација и 70 вонредни студенти, а на Педагошкиот факултет во државна квота ќе можат да се запишат 50 студенти, 100 со плаќање партиципација и 65 вонредни студенти.
На Факултетот за биотехнички науки ќе можат да се запишат 120 студенти, 80 во редовна државна квота, 20 со плаќање на партиципација и 20 вонредни студенти.
На Технолошко-техничкиот факултет во Велес според конкурст годинава ќе можат да се запишат 75 студенти, 60 во државна квота и 15 вонредни студенти.
И најмал број студенти за новата академска година има на Ветеринарниот факултет во Битола, само 45, 30 во државна квота и 15 со плаќање на партиципација.
Објавувањето на прелиминарната ранг листа од првиот уписен рок е на 1-ви септември, на 6-ти септември ќе бидат објавени решенијата за прием на кандидатите, а запишувањето ќе биде на 7 септември.
На 14 и 15 септември на битолскиот универзитет ќе се спроведе вториот уписен рок, а на 26 септември е третиот.












