Од од 15. до 20. ти март во Белград, Р.Србија се одржа 21-тиот меѓународен натпревар “Даворин Јенко”. Натпреварувачите беа поделени во различни категории во зависност од нивната возраст. На овој натпревар во дисциплината Пијано соло и Пијано дуо, учество зедоа и ученици од Државното музичко училиште кои одлично ги покажаа своите пијанистички вештини. За успешноста на овој натпревар говори 21-тото издание на истиот, што покажува дека се работи за натпревар со длабока музичка традиција, одлична организација, компетентна жири комисија и одлични организатори.

Учениците од класата по пијано на проф. Маја Божиновска во некои категории во конкуренција од повеќе од 70 кандидати освоија врвни резултати и тоа: Jана Попрцова Трајковска 4 одд. (100 поени) прва награда, Пијано дуо Деспина Куновски и Ана Пиловска 6 одд. Лауреати (100 поени) , Ана Пиловска поединечно освои Прва награда, Деспина Куновски поединечно Втора награда, Софија Михајловска I клас Прва награда и Николче Петкоски 4 клас Втора награда.

Јана Попрцова Трајковска се натпреваруваше во преткатегорија “Б“ каде ги освои максималните бодови. Изведе дела од: Ј. С. Бах – Мал прелудиум бр. 6 во e-moll, Ј. Хајдн – Сонатa (Divertimento) во G-dur и Ф. Шопен – Валцер (Sostenuto) во Еs-dur. Дуо пијано Ана Пиловска / Деспина Куновски изведоа дела од К. Гурлит – Идила оп. 147, Коровицын – Балаганчик.
Ана Пиловска во категорија соло пијано изведе дела од: Л. Ван Бетовен – Соната оп. 49 бр. 2 G-dur и Ф. Шопен – Валцер оп. 69 бр. 2. . Деспина Куновски изведе дела од: В. А. Моцарт – Соната бр. 5 во G-dur K. 283, Ф. Шопен – Мазурка оп. 17 бр. 2 и Ф. Менделсон – Песна без зборови оп. 38 бр. 2.
Софија Михајловска, изведе дела од: Л. ван Бетовен – Патетична соната оп. 13, I став и Ф. Лист – Сонет по Петрарка оп. 104. Николче Петкоски, изведе дела од: Ј. С. Бах – Прелудиум и фуга во G-dur, I книга, Л. ван Бетовен – Соната оп. 22, I став, С. Рахмањинов – Етида оп. 33 бр. 8 и Ф. Шопен – Валцер оп. 34 бр. 1.
Сите ученици досега имаат освоено повеќе награди и признанија.

Во изминатите години меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ го привлече вниманието на домашната и странската музичка јавност со својот професионален, но отворен и флексибилен однос кон музиката, обидувајќи се да ги усогласи конфликтите во традиционалниот и модерниот пристап на конкуренцијата меѓу уметниците од сите возрасти, училишта и интереси.











